Стојановски: Ова е само првиот чекор, против Исланд мора да бидеме уште подобри

По убедливата победа од 82-63 над Кипар на стартот од Европското првенство од Дивизијата „Б“, селекторот на македонската кадетска репрезентација Дејан Стојановски изрази задоволство од изданието на своите кошаркари, но нагласи дека тимот има простор за напредок.

Македонските кадети со сигурна игра го отворија шампионатот што се одржува во Гевгелија и Скопје, а Стојановски истакна дека најважно било натпреварувањето да започне со победа.

„Добар прв чекор. Како што кажав и пред почетокот на првенството, одиме чекор по чекор. Задоволен сум од енергијата што ја покажаа момците. Токму тоа сакавме да го видат и нашите навивачи. Воодушевен сум од поддршката од трибините и се надевам дека утре ќе имаме уште поголема публика“, изјави Стојановски.

Селекторот посочи дека, и покрај убедливата победа, има елементи од играта кои мора да се подобрат во продолжението на турнирот.

„Имавме премногу загубени топки и тоа не смее да ни се повторува. Против ваков противник, во одредени моменти требаше да играме помирно и пострпливо. Но, ова се млади момци, атмосферата ги понесе и тоа е разбирливо“, додаде тој.

Стојановски нагласи дека фокусот веќе е насочен кон следниот предизвик – дуелот со Исланд.

„Од овој момент целосно сме насочени кон следниот натпревар. Ќе го анализираме Исланд и ќе се подготвиме максимално, затоа што сакаме да го направиме и вториот чекор, односно да стигнеме до нова победа. Очекувам Исланд да игра со многу енергија, па ќе мора да бидеме подготвени за голема борба во скокот. Ако успееме да го контролираме тој сегмент од играта, ќе можеме да трчаме, а тоа е стилот што го сакаме – брза кошарка со што повеќе отворени шутеви“, порача македонскиот стратег.

Македонија со победнички старт ги освои првите бодови на Европското првенство, а следната цел е нов триумф против Исланд, кој би ја доближил селекцијата до пласман во наредната фаза од натпреварувањето.

Се вчитува...