Струмица ќе трча за Томе Јанев: Обединети за помош на младиот фудбалер

Струмица ќе трча за Томе Јанев. На 22. јуни од 12 часот во Струмица ќе се одржи хуманитарна трка во организација на Здружение за помош и поддршка на лица со Даунов синдром – „Вера“. Учеството на трката изнесува 100 денари, а средствата се наменети за лекување на фудбалерот Томе Јанев, за кое се неопходни 160.000 евра.

Од Вера известуваат дека стартот на трката е од шеталиштето кон градскиот парк, се до Амфитеатарот, каде ќе се финишира. Апелираат струмичани, но и сите хумани луѓе од целата земја да земат учество на настанот и да помогнат како и многу пати во минатото.

29-годишниот Јанев има дијагноза – болест на моторниот неврон или ALS (Amyotrophic Lateral Sclerosis). Болеста на досегашниот активен фудбалер на Силекс, Брегалница, Кожуф, Хоризонт Турново и секако матичниот клуб Беласица, е во почетна фаза, но доколку не му се помогне навреме, последиците од неа може да бидат катастрофални, преку целосна атрофија на мускулниот систем.

„Надеж за подобрување на неговата состојба има преку лекување и терапија со матични клетки на секои четири месеци во рок од три години. Затоа е неопходно сите да се обединиме сега за Томе“ – информираат од здружението „Вера“.

Отворени се и телефонски линии за донации за помош на Томе Јанев:

Телеком – 143 454

ВИП – 143 502

Се вчитува...