Суарез: Самите сме си виновни што Реал ќе стане шампион

Голем дел од фудбалерите на Барселона сметаат дека ВАР-технологијата е најзаслужна за фактот дека Реал е на чекор до нова титула во Ла Лига, но Луис Суарез не е еден од нив. Уругвајскиот голгетер во разговор за каталонскиот весник „Ел Мундо Депортиво“ јасно стави до знаење дека вината за слабите игри по паузата поради коронавирусот и губењето на првото место мора да се бара исклучиво во своите редови.

„Знам дека и претседателот и Пике ги критикуваа одлуките на ВАР-арбитрите, но сметам дека мора да се биде повеќе самокритичен. Ние бевме во одлична ситуација, а потоа следеа низа слаби натпревари. Ако игравме како што знаеме против Севилја, потоа оној дуел со Селта на кој моравме да забележиме победа, тогаш работите ќе беа поинакви и немаше да зборуваме за Реал и за ВАР. Ние не одигравме онака како што знаеме и умееме и затоа сега се наоѓаме во ваква ситуација, Реал да биде толку блиску до титулата“, истакна Суарез.

Барса претходно беше елиминирана од Копа дел реј, па сега единствена шанса за трофеј останува оној најтешкиот за освојување – во Лигата на Шампионите.

„Го гледавте оној наш натпревар со Вилјареал, на кој се функционираше како што треба. Таа средба докажа дека ако сакаме, можеме да одиграме на највисоко ниво и никој не може да не запре. Тоа нека ни биде мотив за претстојната завршница од ЛШ, но и за последните две средби од Ла Лига, на кои мора да прикажеме добар фудбал, за себе и за големиот клуб што го претставуваме“, порача Луис Суарез.

Се вчитува...