Жозе Мурињо доби потврда за она што го тврдеше веднаш по бурното мадридско дерби дека Ли Канг-ин требаше да биде исклучен поради брутален старт врз Федерико Валверде.
Според информациите од шпанскиот весник „АС“, Техничката комисија за судии на Шпанија смета дека судијата Мигел Анхел Ортиз Ариас направил голема грешка кога не му покажал црвен картон на Кореецот. Уште поголем пропуст е фактот што и ВАР-системот не реагирал.
Контроверзната ситуација се случи во 42. минута од натпреварот во кој Атлетико победи со 2-1 против Реал Мадрид. Ли Канг-ин го удри Валверде во левиот скочен зглоб со отворен ѓон, но не доби ниту жолт картон, а судијата не беше повикан да ја прегледа снимката покрај теренот.
Токму оваа ситуација Мурињо ја посочи како еден од клучните моменти на натпреварот. Португалецот на прес-конференцијата донесе испечатени фотографии од двата спорни старта и тврдеше дека Кристијан Ромеро и Ли Канг-ин требало да бидат исклучени уште во првото полувреме.
Судиската комисија, според шпанскиот весник, не ги поддржа целосно сите забелешки на Мурињо. Се смета дека ситуацијата во која Ромеро го згази Џуд Белингем била нејасна и дека на судијата може да му се прости што не му покажал црвен картон на Аргентинецот.
Сепак, околу стартот на Ли Канг-ин нема дилеми. Процената на комисијата е дека играчот на Атлетико морал директно да замине во соблекувалната и дека тоа била една од најголемите судиски грешки на натпреварот.
Истовремено, беше потврдено дека исклучувањето на Хујсен било оправдано. Дефанзивецот на Реал го собори Џулијано Симеоне во шеснаесетникот, не се обиде да игра со топката и спречи очигледна шанса за гол. Ортиз Ариас првично досуди само пенал, но по интервенцијата на ВАР, покажа и црвен картон.
Проблемот е што истата технологија не реагираше претходно, по многу поопасниот старт врз Валверде.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
