Супер-дерби: Силен отпор на Работнички, но МЗТ покажа зошто е шампион

МЗТ Скопје триумфираше на гостувањето кај Работнички со 83-89 во вечното дерби на македонската кошарка како дел од 17. коло од регуларниот дел од сезоната во Суперлигата. Феноменално дерби со одлична игра на теренот, но и одлична поддршка од трибините, а на крајот пресуди поголемото искуство на актуелниот шампион на Македонија.

МЗТ Скопје беше расположен во шутот за три поени на отвoрањето на мечот па преку тројките на Дејвис, Мекиќ и Николов гостинскиот состав поведе со 6-14 по три минути игра, но избраниците на Петровиќ не продолжија во исто темпо. Тајм-аутот на Работнички вроди плод, „црвено-белите“ заиграа зонска одбрана која го примора противникот на влез во рекетот, а возвратија и со својата серија на тројки на спротивната страна преку која не само што ја стопија туку и ја преzземаа предноста по 10. минути игра за 29-26. Натпреварот продолжи во изедначено темпо и во крајот на второто полувреме, но за разлика од првите десет минути не беше задржана високата реализација. МЗТ Скопје се осврна кон Рикиќ кој почна да создава проблеми во рекетот, додека на спротивната страна „сино-белите“ немаа решение за Едвин па по 20. минути игра на семафорот стоеше резултат 46-45.

Работнички ја презеде иницијативата на стартот на третата четвртина и го контролираше мечот се до 27. минута кога со тројката на Дамјан Стојановски МЗТ повторно стигна до водство (58-59), по што следеше тајм-аут на стратегот на домаќините Игор Михајловски. Тајм-аутот не промени ништо на теренот. Следеше нова тројка на Дамјан, па уште една на Дејвис за водство од 58-66 по што Михајловски мораше да бара нов тајм-аут. Ниту оваа пауза не резултираше со нешто добро за Работнички, следеше нова тројка на „металците“ преку Николов по која за првпат стигнаа до двоцифрена предност од 58-69 во 29. минута.

По чудно досудената намерна лична кошаркарот на аеродромци Дејвис Работнички се врати во игра и со тројката на Едвин поведе со 74-73 во 34. минута. Дејвис го врати водството на гостите со пет поени во низа и „металците“ заминаа на плус шест на (74-80) на три минути до крајот на натпреварот. Милошевиќ реализираше за два поени под обрачот, по кои МЗТ поведе со 74-82, по што следуваше нов тајмаут на Работнички. Вториот тајмаут на Михајловски резултираше и со тројката на Балмазовиќ и реализираните три слободни фрлања на Едвин на 110 секунди до крајот на мечот тимот од „градски парк“ дојде на минус два (80-82). Сепак тоа беше се од домаќините. Милошевиќ реализираше за два поени, а Војдан Стојановски даде печат на победата со фаул кош (83-89).

Хуан Дејвис со 21 поен беше прво име во таборот на победникот, додека Војдан Стојановски заврши со 14 поени. Кај поразените убедливо најдобар поединец беше новото засилување Деон Едвин кој натпреварот го заврши со 33 поени, додека Џејлен Геди заврши со 13.

МЗТ Скопје со овој триумф се врати на втората позиција на табелата со скор од 14 победи и 3 порази, додека Работнички останува осми со 7 победи и 10 порази.

Се вчитува...