Супер-херојот Марко Пејчиновски ја остави Македонија без збор: По едно деноноќие испливани 64 километри за затворање на летните 10 маратони (ВИДЕО)

Македонскиот супер-херој, Марко Пејчиновски на големиот празник Голема Богородица денеска ја заврши својата мисија за ова лето со предизвикот кој остана негова неостварена желба.

Марко, кој ја восхитува целокупната македонска јавност, денеска во 9:30 часот пристигна на охридското пристаниште откако ја исплива последната делница од 64 километри од своите десет испливувања ова лето. Вчера попладнето го почна препливувањето на 64 километри долгата делница Охрид-Струга-Св. Наум-Охрид, и денеска од стотици граѓани на Охрид со овации беше пречекан на охридското пристаниште.

Марко на стартот од летото се појави со цел да исплива 250 километри низ десет испливувања, па откако реализираше досега девет маратони со 186 километри, сега ја заврши и последната делница од 64 километри.

„Се чувствувам одлично. Беше тешко, пред се поради неповолната струја на моменти, но успеав да ги надминам проблемите и за разлика од 2019 да испливам до целта. Пред три години, поради болка во ногата, го прекинав пливањето на оваа релација која остана мој неостварен предизвик. Тука сум, да си докажам колку сум подобрен, да си докажам дека можам да го остварам мојот сон и да ја исполнам мојата желба и празнината која остана. Ова, сакам да ве инспирира и Вас, без разлика колку нешто изгледа тешко во животот, не значи дека е невозможно, без разлика какви се препреките кои ги имате на патот до успехот морате да продолжете и не смеете никогаш да се откажувате. Имајте своја цел, најдете свој мотив и остварете ја. Им благодарам на сите оние кои ме поддржаа“ – истакна 16-годишниот Марко кој уште еднаш ја остави Македонија без збор.

На Марко му беа потребни нешто над 21 час да го преплива Охридското езеро. Пливаше од Охрид до Струга, оттаму до Св. Наум, па назад до Охрид. Пливаше под сонце и ѕвезди следен од неговиот тим и официјални набљудувачи кои го верификуваа подвигот и ги евидентираа сите потребни параметри според утврдени критериуми, кои ќе бидат испратени до соодветната светска асоцијација за пливачки подвизи.

„Марко го оствари подвигот за 21 час, 41 минутa и 48 секунди. Горди сме сите на него, секако требаат натчовбечки напори, ова е нешто натчовечко и не е нешто што може секојдневно да го видиме и да бидеме сведоци на тоа. Пливаше во рамномерен ритам со одлично темпо, кое забави само во еден момент поради силна струја која се движеше во спротивен правец од правецот во кој пливаше Марко, но и тоа успешно го надмина. Јас сум изненадсен не само од неговиот подвиг, туку и од брзината што ја постигна. Состојбата на Марко сите ја знаеме, генерално тој 99 проценти работи само со раце, нозете само ги одржува така што тоа му дава дополнителна тежина на целиот подвиг“ – изјави Миле Јовановски, официјален набљудувач на подвигот на Марко Пејчиновски.

Се вчитува...