Супер-победа: Луда тројка на Зетов, Македонија ја совлада Црна Гора

Репрезентацијата на Македонија за кошаркари до 16 години успешно го стартуваше настапот на Европското првенство – А дивизија што денеска почна во Скопја, на стартот славејќи над селекцијата на Црна Гора (69-62). Мечот беше супердраматичен, Македонија имаше двоцифрено водство од кое противникот се врати, за во супердраматична завршница Зетов да ја постигне клучната тројка, за голем триумф на „црвено-жолтите“.

Првата четвртина мина во добра дефанивна игра на двете страни, при што Македонија ги заврши стартните десет минути со водство од 15-12. Стартот на втората етвртина мина во апсолутна доминација на македонските кошаркари, кои набрзина поведоа со огромни 17 поени разлика (31-14). Црногорците ја спуштија разликата под десет, но пред самиот крај на полувремето Зетов погоди тројка и на одмор се замина со водство на Македонија од 38-26.

Второто полувреме го стартуваше Марјановиќ со прецизен удар за тројка, но набрзо потоа Црногорците ја презедоа контролата и успеаја да се вратат во мечот. Во драматичната последна четвртина противникот имаше водство од 60-57 на пет минути до крајот, но одличната македонска одбрана во завршните пет минути прими само два поени. Во нападот се мачевме, но успеавме да го свртиме резултатот во своја полза, а при водство од 63-62 Зетов погоди извонредна тројка преку двајца играчи кои го чуваа, за водство од 66-62 на дваесетина секунди до крајот, за печат на големата победа.

Токму Димитар Зетов беше најзаслужен за триумфот со 20 поени, пет скока и пет асистенции, а двоцифрен ефект имаа и Јаничиќ со 14 и Стојковиќ со 11 постигнати поени.

Во второто коло македонските млади кошаркари утре за противник ќе ја имаат селекцијата на Грција.

Се вчитува...