Супер-трансфер: Јакимовски потпиша за освојувачот на Купот на Италија

Андреј Јакимовски има нов клуб, откако македонскиот репрезентативец реши по завршувањето на американската авантура да се врати назад во Италија, државата каде мина неколку години пред да замине за САД.

Тренто ќе биде новиот клуб на одличниот крилен кошаркар, откако Јакимовски денеска потпиша двогодишен договор со оваа екипа. Станува збор за одличен клуб кој изминатата сезона се закити со трофејот во Купот на Италија, воедно и стигна до полуфиналето во плејофот во шампионатот на оваа земја.

Јакимовски ги мина последните пет сезони во НЦАА-лигата, беше јасно дека тој ќе се врати назад во европската кошарка, а од неколкуте понуди на маса ја избра онаа на Тренто, тим со кој ќе се натпреварува и во Еврокипот.

„Ново засилување! Андреј Јакимовски потпиша двогодишен договор. Македонското крило со италијанско искуство доаѓа по пет сезони минати во НЦАА. Универзален крилен играч со висока енергија слетува во Тренто“, го потврди италијанскиот клуб трансферот на Македонецот.

Се вчитува...