Супер-вест за КК Пелистер: „Чкембари“ на трибини за дербито со Еуро Никел

Пелистер игра доминантно на домашната кошаркарска сцена, а битолчани од денеска ќе имаат адут плус во битките за победа, откако верната битолска навивачка група „Чкембари“ објави дека ќе почне да ги бодри кошаркарите како што тоа го прави и за фудбалскиот и за ракометниот клуб.

„Пелистерци“ вечерва ќе го пречекаат Еуро Никел, прв дуел за кој избраниците на Марјан Илиевски ќе имаат поддршка од трибините.

„Ветер во грб пред утрешниот натпревар за кошаркарите на КК “Пелистер”. Најверните поддржувачи на брендот Пелистер го потврдуваат своето присуство, со што ќе бидат дополнителен мотив за играчите, стручниот штаб да продолжат со добрите резултати . Ве очекуваме 🏀🏀🏀💪, објави КК Пелистер.

Центарот Љубомир Младеновски најавува добро издание на битолскиот тим, кој во Првата лига има скор од импресивни 14 победи и ниту еден пораз.

„Исцрпувачки беше ритамот на „балонот“ во Бања Лука, посебно заради скратената ротација. Но, сега се освеживме и спремни сме за оваа кошаркарска недела. Еуро Никел ни доаѓа во Битола, а тоа е вистинско дерби и судир со многу искусна екипа. Можеби резултатите и местото на табелата тоа не го покажуваат, но Еуро Никел има неспорен квалитет и мора да го почитуваме. Ни следи овој дерби дуел и завршницата на Купот и верувам дека кошаркарска Битола ќе биде со нас. Ги повикувам гледачите, верувам дека спортската сала во Битола ќе биде исполнета, а ние ќе возвратиме со добра партија“, истакнува Млаеденовски.

Се вчитува...