Супер-ждреб: Работник против Берн за место во групите од ЕХФ купот

Македонскиот суперлигаш Работник има извонредна можност да обезбеди пласман во групната фаза од ЕХФ-купот, по денешниот ждреб што му беше наклонет на битолскиот клуб.

Имено, ракометарите на Работник во третото коло од ЕХФ купот ќе ги одмерат силите со екипата на Берн, ривал што реално може да се добие, што ќе значи и автоматски пласман во групната фаза од ова европско натпреварување. Во ситуација кога можеа да налетаат на ривали од далеку посилни ракометни земји, во таборот на битолскиот клуб мора да се задоволни што ќе играат со клуб од Швајцарија, воедно и тим што не е дел од ракометниот врв на оваа земја (вообичаено во оваа земја во последните години доминираат Вакер Тун и Кадетен Шафхаузен). Станува збор за клуб кој едвај ги мина претходните две квалификациски рунди, Берн во првото коло се сретна со естонскиот ривал Полва, славејќи дома со 27-25 пред ремито на гостински терен од 26-26.

Потоа во втората рунда швајцарскиот клуб за противник го имаше руски Спартак, славејќи пред своите гледачи со 24-18, за потоа да загуби на гостински терен со 28-23 и со еден гол разлика во севкупниот резултат да стигне до ова трето квалификациско коло.

Екипата на Работник одлично ја стартуваше сезоната во Супер-лигата, битолчани досега имаат максимален ефект на домашната сцена, што сигурно ќе биде добра увертира за претстојниот двомеч со Берн.

ДВОЈКИ ЗА 3. КОЛО ОД ЕХФ КУП

Малме – Константа

Магдебург – Порто

Гранолјерс – Горење

Ла Риоха – Кадетен Шафхаузен

Азоти Пулави – Селфос

Кил – Драмен

Алборг – Фуксе Берлин

Олимпијакос – Нексе

Работник – Берн

Хановер – Бенфика

Ахилес – Енкантада

Татабања – ОЦИ лајонс

Се вчитува...