Суперкуп Евролига: Олимпијакос го доби трилерот со Фенербахче

Олимпијакос е првиот финалист на Суперкупот на Евролигата, новоформираното натпреварување што денеска почна во Абу Даби. Актуелниот европски првак наиде на силен отпор во пресметката со Фенербахче, турскиот гигант беше тимот што подолго време водеше и имаше контрола над резултатот, но „црвено-белите“ беа пофокусирани во клучните моменти, го свртеа резултатот во своја полза и стигнаа до победата.

Фенер ја доби првата четвртина со 20-25, а потоа во вториот период тимот на Јасикевичиус поведе и со десет поени предност (33–43). Олимпијакос успеа да се врати, на полувреме се замина со минимално водство на турскиот тим од 43-45, но Фенербахче повторно беше подобар во третата четвртина во која имаше и најубедливи 11 поени предност.

Грчкиот гигант сепак успеа да се врати, а потоа во самата завршница и да го сврти резултатот во своја полза. Клучни се покажаа поените на Фурние на 50 секунди до крајот, Фенербахче не ги реализираше последните два напади, па Олимпијакос стигна до првиот билет за финалето.

Фурние со 19 поени беше прв стрелец на Олимпијакос, новото засилување Монтеро постигна 13 поени, а Везенков реализираше скромни 7 поени за 22 минути игра. Кај Фенербахче најефикасни во овој пораз беа новите засилувања Шилдс со 18 и Ки со 17 поени.

Во вториот полуфинален меч од ова натпреварување домаќинот Дубаи ќе се сретне со екипата на Реал Мадрид.

Се вчитува...