Суперкупот останува „сино-бел“ – аеродромската фурија преку ТФТ до нова титула

МЗТ Скопје ја продолжи доминацијата во Суперкупот на Македонија откако славеше во финалето на „Драган Васолов – Цевка“ со 100-82 над ТФТ. Аеродромци беа подобриот противник во поголемиот дел од мечот, рано стигнаа до убедлива предност, одолеаја на налетот на „црно-белите“ во второто полувреме и сосема заслужено стигнаа до петтиот трофеј во своите витрини.

Натпреварот започна во одлично темпо на двете страни во кој двата тима ги користеа предностите. МЗТ Скопје го полнеше рекетот, ТФТ ја искористи ниската петорка за предност по „пик“ ситуациите од расположениот Донадсон, стигна и до отворени обиди, но подобрата реализација на МЗТ Скопје резултираше за предност од 12-7. Влезот на Тавиа на теренот значеше и затворање на рекетот на „црно-белите“, но аеродомци продолжија да креираат предност од него, реализираа и во обидите од поле, одиграа и одлично во ротацијата во одбраната, со агресивноста го сопреа нападот на противникот па стигнаа до двоцифрена предност која беше задржана и по 10. минути игра (29-14). Течниот напад продолжи да носи отворени обиди за аеродромци, а со високата реализација во еден момент разликата се иксачи на 37-20, но третата лична грешка на Војдан Стојановски наговести проблем за „сино-белите“. Неговото отсуство го искористи ТФТ кој најде решение во играта „два на два“, успеа да го запре и протокот на топка на составот од Аеродром па стигна до негатива од 42-30. ТФТ имаше и повеќе напади за сведување на истата на едноцифрена, но откако не успеа да реализира во нив следеше казна од МЗТ Скопје за 47-34 на полувремето.

Војдан Стојановски ја заработи четвртата лична грешка уште на отварањето на второто полувреме, а тоа повторно се одрази во играта на аеродромци пред се во одбраната. ТФТ успеа да го наметне својот ритам во нападот, бековите успеаја да направат предност, а овој пат кошаркарите во црно реализираа зад линијата 6,75 па со серијата на Костоски и Андерсон разликата се сведе на едноцифрена (53-44). Тајм-атутот на Петровиќ вроди плод, МЗТ заигра поагресивно над бековите, одговори во нападот преку Кофи и Мицовиќ па ја врати и контролата на мечот (69-48), но не успеа и да ја задржи. ТФТ до крајот на третата четвртина одговори со „ниска петорка“ која вроди плод, истата резултираше со поени преку Андерсон и Батрик за само 73-63 по 30. минути игра. Моментумот на ТФТ продолжи и во воведот на последната четвртина, за помалку од минута избраниците на Смилковски успеаја да ја преполоват негативата (73-68), но аеродромци ги промирија клучните противнички играчи на тешки обиди, во полза на ТФТ не беа ниту промашените слободни фрлања, а искусниот Војдан Стојановски погоди кога беше најпотребно па МЗТ Скопје ја врати високата предност и не дозволи игра на еден напад.

Мицовиќ беше предводник на МЗТ Скопје со 27 поени и 5 скока, додека по 18 поени додадоа Дамјан Стојановски и Кафи. Андерсон го предвоеше ТФТ со 20 поени и 5 скока, 19 поени додаде Николов, а со 13 поени, 7 скока и 5 асистенции мечот го заврши Костоски.

Се вчитува...