Најдобрите светски маратонци утре ќе бидат дел од 36-то издание на Охридскиот пливачки маратон кој стартува од 10 часот во Свети Наум и ќе се плива на патеката „Климе Савин“ во должина од 25 километри до Кејот Македонија во Охрид.
На маратонот ќе учествуваат вкупно 15 пливачи од шест држави, Аргентина со двајца пливачи, Италија со тројца, Турција со двајца, Холандија и Франција со по еден пливач и домаќинот Македонија со шест пливачи. Во женска конкуренција учествуваат шест пливачки, во машка – девет, а ќе бидат предводени од Италијанецот Алесио Очипинти, трет од Светското првенство во маратонско пливање, како и европската шампионка Каролин Жуис од Франција. Најголемиот адут на Македонија секако е Евгениј Поп Ацев, a ќе пливаат уште Александар Илиевски, Леонид Мишевски, Кристијан Стојановски, Ивана Неделковска и Јована Неделковска.
Наградниот фонд изнесува 12 илјади евра распоредени за прво место 2.500 евра, второ место 1.500 евра и трето место 1.000 евра. Новина оваа година се два летечки спринта со награда од по 500 евра во машка и женска конкуренција.
Македонската пливачка легенда Томи Стефановски кому му беше вчера врачена и спортската награда „Климе Савин“ за 2023, како дел од организацијата изминативе две години, потенцираше дека годинава нивото на Охридскиот маратон е подигнато повисоко во поглед на квалитетот на учесниците на истиот.
„Во машка конкуренција ни доаѓа третиот од Светското првенство во Анжу, италијанецот Алесио Очипинти, победник на Капри Наполи маратонот минатата година, доаѓа холанѓанецот Марсен Шоутен кој е четврти на Европското првенство, победник на Капри Наполи и ФИНА десет километри маратонски трки. Во женска конкуренција ја имаме Французинката Каролин Жуис, европска првакиња, аргентинката којашто е победник на маратонот во Робервал, имаме од Турција млада девојка многу добар базенски пливач. Оваа година се подигна нивото на Охридскиот маратон. Овие две години се создава една екипа со која може да се работи на некои поголеми работи. Овој прекрасен град и Охридско Езеро треба да ги направиме центар на светското маратонско пливање“ – истакна Стефановски на денешната прес-конференција во Охрид.
Градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков истакна дека со оглед на тоа што минатата година беше реализирано за натпреварувачите се што беше ветено од награден фонд, до сместување, превоз, оваа година очекувано е зголемен квалитетот и бројот на натпреварувачи.
„Секоја година ќе има новитети и искрено се надевам дека следната година ќе биде сериозен исчекор напред и во однос на квалитетот на пливање и во тоа што сакаме да го направиме. Чест ми е што Охридскиот маратон го направивме да биде круна на еден сосема нов концепт на ‘Фестивалот на водени спортови’ и кадешто ние како локална самоуправа целосно застанавме зад овој проект и едноставно самиот настан Охридскиот пливачки маратон, традицијата, 36-тото издание и 61 година од почетокот на одржувањето на маратонот како манифестација го заслужува епитетот круна на Фестивалот на водени спортови. Наша работа е како локална самоуправа и поддржувачи и главни организатори на самиот настан заедно со организацискиот одбор од година во година да растеме, како на организациско ниво, така и на пливачки кавалитет“ – рече Пецаков.
Организатор на Охридскиот пливачки маратон е Општина Охрид во соработка со Националната пливачка федерација и Агенцијата за млади и спорт, додека технички организатор е Клубот за спортови на вода „Охридски бранови“. Во организацијата на маратонот ќе бидат вклучени и претставници на Капетанија Охрид, Езерската полиција Охрид, СВР Охрид и Црвен крст Охрид.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА