ТАЈМАУТ: Знаеме да се радуваме, ама и да …

ТАЈМАУТ

Стеван Цаневски

Заврши уште едно Европско Првенство за ракометната репрезентација на Македонија, за нас многу важно затоа што конечно ја прекинавме серијата од седум порази на европските шампионати. Фактот дека Швајцарија само неколку дена претходно ремизираше со моќната Франција е јасен доказ дека победивме сериозна селекција, која направи се што можеше за победнички да го испрати во пензија извонредниот Анди Шмид, но на крајот во Берлин се радувавме ние, Македонците, на теренот, на трибините, во новинарските ложи на „Мерцедес Бенц Арена“.

Имавме и за што да славиме, затоа што премногу во претходните години бевме сведоци на горки порази од кои за моменти се губеше и вербата во подобро утре. Во Дебрецин имавме разочарувачки 0/3 но тоа беше првенство во кое Кире Лазаров требаше да биде тренер-играч, а токму неговата повреда денови пред стартот на шампионатот ги замрси сметки на ЕП 2022. Следеа пеколни групи на СП во Полска (Норвешка, Холандија, Аргентина) и сега во Германија (Франција, Германија, Швајцарија), нешто што никако не оди во прилог на репрезентацијата во создавање, која треба да сврти нов лист и да добие победнички менталитет.

А токму тоа беше главниот проблем во овие две години, секој нов пораз значеше дополнителен психолошки пад, за уште поголемо оддалечување од елитата каде што сите сакаме да бидеме, не гледајќи колку е тоа (не)реално во одреден момент. Ако на тоа додадете и илјадници „стручњаци“ и „фејсбук селектори“, кои не бираат зборови, не да критикуваат, туку директно да ги навредуваат оние кои ги бранат боите на Македонија, јасно е дека не сме на вистински пат. Едно е да критикуваш, да даваш конкретно ракометно мислење за да одиме напред, но кај нас таа граница на нормалата илјадници ја минуваат уште на првото полувреме од првиот пораз. А кога ќе се помине…

Точно е, како народ сме желни за победи, за радости, конечно во оваа мала земја да ни се случи нешто убаво. Но, од друга страна, таа позитивна енергија што ја делиме во победите, на катастрофален начин ја претвораме во негатива, омраза, „плукање“ и што уште не кон оние од кои се крстиме да донесат радост на нацијата. Се доведовме во ситуација човек што е апсолутна спортска легенда во нашата Македонија да биде навредуван каде стигне, да се доведува во прашање неговата љубов кон репрезентацијата, кон оваа земја и истите оние навивачи кои стотици пати ги има израдувано.

Затоа, оваа колумна не е за тоа што сме го добиле Митев како нов „бисер“ во националниот тим, за тоа дали и колку Кузмановски е лидер и колкаво срце има Милан Лазаревски, како добивме нов тандем на крила во Костески и Атанасијевиќ за наредните десет години… Ова е за да сфатиме дека можеме да одиме напред само ако сме единствени.

Тоа е реалноста. Репрезентацијата ни е млада, но она што е најважно по Швајцарија, и на овие „нови клинци“ им влезе во глава дека можат да победуваат сериозни ривали. И тоа ќе го потврдуваат уште многу пати во иднина, уште почесто ако имаат чувство дека цела нација е зад нив и во добро и во лошо. А не само да ги слави нивните победи, а потоа да им го сврти грбот при првиот пораз.

Се вчитува...