ТАЈМАУТ: Колку и да боли, ова ни е реалноста…

ТАЈМАУТ

Стеван Цаневски

Фрустрирачки беше да се гледаат овие 60 минути игра на апсолутна немоќ против Египет, уште повеќе на незаинтересираноста на голем дел од оние на кои ова им е прва шанса да блеснат на големата сцена во репрезентативниот дрес. Сепак, најмногу од се боли сознанието дека колку и да не сакаме да признаеме, ова ни е реалноста на ракометната репрезентација, речиси се што имаме да понудиме од играчи за наредните години (со исклучок на повредениот Маџовски).

Тоа е реалноста, дека по повлекувањето на Кире Лазаров, Стојанче Стоилов и на Никола Митревски ќе имаме целосно променета репрезентација, а смената на генерации ќе ни падне многу потешко отколку што помислувавме до пред извесно време. Бидејќи на сцена стапува генерација која не само што не е дорасната за пресметки со „големите“, туку ниту за дуели со „средните“ по квалитет ривали. Од интернационалци во посериозните лиги ќе имаме еден бек, еден пивот и еден голман, заедно со собир на најдоброто од понудата во нашата скромна лига, во која репрезентативците се „вечни резерви“ во поамбициозните клубови.

Томовски има потенцијал да стане врвен голман, Костески покажува знаци дека пред него е посјајна иднина отколку останатите од неговата генерација. И тоа е се…

Бидејќи со бековска линија Кузмановски – Талески – Велкоски (или Серафимов, сеедно) не може да личите на сериозна репрезентација, особено со формата на Талески од последните неколку години. Секој јануари го најавуваме како „шанса за блесок на Филип и Филип“, и колку поголеми се нашите очекувања од овие двајца, толку е поголемо разочарувањето по завршувањето на секој шампионат. А кога немате бековска линија што е опасна, зоната многу повеќе внимава на пивотот, со што се исклучува нашето најзначајно оружје со години наназад „комбинациите бек – пивот“.

Кога имате ваков лимитиран квалитет, неопходно е да имате карактер. А денеска за жал најмногу болеше што видовме дека тоа им недостига уште повеќе од квалитет, да се борат за светиот дрес, да покажат дека заслужиле да дојдат (макар и во „пет до дванаесет“) на собирот на најдоброто од светскиот ракомет и да дадат се од себе, да се докажат на најголемата можна сцена во овој спорт. А тие го сторија токму спротивното, капитулираа по 20 минути игра… СРАМОТА.

Никако не смее да се амнестира ниту селекторот Брестовац. Процесот на смена на генерации никогаш не е лесен, особено при толку голем пад во квалитет, но стручниот штаб треба да е тука за да ги подготви оние помладите за предизвиците што се пред нив. Наместо да биде нивни лидер, нашиот кормилар само се вклопи во сивилото и летаргијата. Без енергија, без реакција, тактикча или темпераментна, сеедно, Брестовац е само нем гледач на фијаското на теренот. А токму негова е задачата од овој состав на ракометари да состави респектабилен колектив. И колку е само далеку од реализацијата на таа цел…

Да, ова е нашата реалност, но реалност е дека со овој состав можеме и мораме да го победиме Чиле. Па макар и ги загубиле наредните три натпревари, овие млади играчи да ја почувствуваат сласта на мундијалската победа. Којзнае, можеби со тоа би им се тргнала „блокадата“ што очигледно голем дел од нив ја имаат, па значително би ја подобриле играта во следната рунда. Дури и да не стигнеме до победа, барем да заличиме на репрезентација што се гради, а не на национален тим што тоне на секое наредно големо натпреварување се повеќе тоне и тоне…

Се вчитува...