Заврши уште една натпреварувачка сезона во кошаркарскиот шампионат, во која МЗТ Скопје ја продолжи својата доминација, стигнувајќи до 12. титула во последните 13 години на домашната сцена. Оваа се чини и на најимпресивен начин, ако се земе во предвид како „металците“ ги мелеа противниците и во Купот на Македонија и во шампионатот.
Аеродромци заиграа шампионски дури откако на челниците им текна дека имаат врвни домашни играчи во тимот, среде сезона се ослободија од Слај и од Баковиќ, се врати тимската хемија и тимот на тренерот Атанасов се претвори во победничка машинерија што се прошета до титулата. Војдан и Дамјан се уште се „алфа и омега“ во МЗТ, значаен придонес даде и Крстевски, тука беа и Маслинко и Магдевски, се позначајна улога добива и Петков, минутажа по неколку години греење клупа доби и Андоновски, па и Миловановиќ.
МЗТ Скопје заокружи триумфално уште една сезона на домашната сцена, што сепак не може да биде оценета како успешна бидејќи се градеше тим (и со буџет) за влез во АБА1, а токму таму аеродромци го доживеаја најголемото фијаско, не успевајќи да ја минат групната фаза. А фактот дека трите наши екипи испаднаа уште во првата рунда од АБА2 најдобро ја одразува сликата каде ни е кошарката во моментов. Тонејќи во жив песок, се позабрзано по секоја импровизација со која се сака да се покаже дека се работи нешто, а всушност ефектот е целосно спротивен.
Како дојдовме до тоа кошарката да стигне до ниво „Ќути заврши“… наместо да се надеваме на мајсторки и неизвесни битки, само резигнирано да го чекаме крунисувањето на шампионот, кој е ист 12 пати во последните 13 години. Да не се лажеме, „Ќути заврши“ е еден од омилените термини и на самите клубови, да заштедат некоја плата, добро внимавајќи во кој месец ќе им заврши сезоната, не само во плејаутот, туку и во самиот плејоф.
Велиме дека сакаме кошарка, а доказите го покажуваат спротивното… Работнички од тим што покри неверојатен долг за две години, сега за помалку од една сезона повторно е во сериозна „финансиска дупка“… Навивачи на терен нападнаа кошаркар, и тоа на својата екипа… кошаркари се бркаат од станови за неплатени ќирии од клубовите, исто како и пред 25 години… плукање од трибини е омилена занимација за навивачите во салите…. во 2025 година ние дебатираме колкава треба да биде температурата во салите, дали според ФИБА-стандардите или пак според она пропишаното во Статутот на КФСМ (вообичаено, би требало бројката да е иста, но ете ние и тука сме „попаметни“ од останатите)… Ни се случува инцидент крај ложата во финалната серија, па одговор – ниту еден од највисокото раководство на федерацијата да не дојде да го врачи шампионскиот пехар… Со таков однос, на сите засегнати страни, не може да се оди напред…
И велиме, сакаме кошарка…. А всушност сакаме да креираме лажна слика дека сме некој и нешто, а всушност само сакаме ваучери (во поново време и дел од „колачот“ од игрите за среќа), сакаме се, само не да работиме 24/7 за да креираме позитивна спортска приказна. Од ситни интереси поради кои крупната слика не ја ни гледаме… А без јасна крајна цел, нормално е да тонеме во просечноста, допирајќи го дното кое е се подлабоко и подлабоко на крајот на секоја наредна натпреварувачка сезона.
A ќе треба многу време, од „ќути заврши“ да стигнеме до фаза „едвај чекаме да почне следната сезона“. Многу време, но и многу работа…. од федерацијата, но и од самите клубови, кои еднаш и засекогаш треба да увидат дека постојат за креирање на кошарка, а не за ваучер-математики.
Новите луѓе во федерацијата се еден месец во „куќата на кошарката“, и јасно е дека експресен излез од оваа криза не постои. Но, исто така и мора да знаат – ако нешто не превземат веднаш, дури да трепнат ќе загубат уште една година, па и сезоната 2025/26 ќе финишира со истата проста реченица „Ќути заврши“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА