Тајмаут: Македонија (пак) е ракометна нација

ТАЈМАУТ

Стеван Цаневски

Зад нас останува уште едно големо натпреварување што донесе глетка што неколку години наназад (не)трпеливо ја чекавме – Македонија повторно да има сериозна ракометна селекција, состав што ќе биде респектиран од противниците затоа што може да се носи со секого, да ги замрси сметките на селекциите за највисок пласман, а ривал како Холандија што пред две години во Краков лесно славеше, сега да мора да има огромна судиска помош за да го скрши отпорот на храбрите „деца“ на Кире Лазаров.

Прекрасно беше чувството да се гледа како Македонија играше на ова СП, да се потсетиме на времињата кога ривалите со почит гледаа на нас како на сериозна ракометна нација. Кире Лазаров повеќе од една деценија беше страв и трепет за противниците како играч, легендата сега како селектор успеа во својата намера, да состави моќен колектив, склоп на младост и искуство против кого Унгарија ќе се радува што стигнала до бод, а Катар ќе изгледа како потпросечна репрезентација.

А патот не беше нималку лесен и ако сме искрени, ретко кој веруваше во визијата на селекторот. Колку само потсмев предизвика онаа изјава од пред две години дека се стремиме да играме како Норвешка, на која се надоврза катастрофалното издание на СП во Полска. И додека хејтерите „хејтаа“, а „стручњаците“ кажуваа приказни што и како треба да биде, селекторот го правеше она што најдобро го знае – креираше репрезентација по свој вкус.

Се ослободи од играчите кои ја уриваа атмосферата, со тоа и неговиот авторитет, на нивно место носејќи „деца“ желни за напредок и макотрпна работа – бидејќи тоа е единствениот пат на успехот. Најтешко можеби беше да се уверат овие момци на што се способни, да гледаат на ривалите со респект, но никако со стравопочит…. а кога и таа лекција беше научена – ракометна Македонија повторно имаше причини за радост и гордост.

Мора да се потенцира и улогата на федерацијата во целиот овој процес. Да се мине процес на смена на генерации со целосен континуитет на настапи на големи натпреварувања, со ваков мундијалски настап како „шлаг на торта“ не е  нималку мала работа. Кога беше тешко, не само што претседателот Мукаетов веруваше во Лазаров, туку за приказната да биде „комплетна“ – беше промовиран и РК Алкалоид како проект во кој македонските ракометари од помладат авозраст ќе добиваат шанса да играат на високо ниво и да се развиваат. Проектот во прв момент наиде на отпор кај ривалите, но и самите неколку години подоцна ја презедоа клучната филозофија – дајте им шанса на Македонците, за доброто на македонскиот ракомет.

За претседателот Живко Мукаетов ова СП беше последно како предводник на куќата на ракометот, а испраќањето беше и повеќе од достојно. Успешниот бизнисмен има причина за гордост, бидејќи во целиот овој период не само што го задржа ракометот на пиедесталот како спорт број 1, туку и да го оддалечи светлосни години пред останатите на македонската спортска сцена.

Затоа што под негово водство стигнавме до пласман на сите младински големи натпреварувања, женската репрезентација играше на две европски првенства во низа, а машкиот национален тим потсети на своите успешни моменти од пред десетина години.

„Македонија повторно игра врвен ракомет“, е општиот впечаток враќајќи се назад од Вараждин. А ако земеме во предвид дека сите репрезентативци најавија дека овој национален тим се уште не игра во рамките на потенцијалот што го поседува… сите треба да бидеме возбудени бидејќи НАЈДОБРОТО ОД РАКОМЕТНА МАКЕДОНИЈА ДОПРВА СЛЕДИ.

Се вчитува...