ТАЈМАУТ: Репрезентација или панаѓур

ТАЈМАУТ

Стеван Цаневски

Како може толку да падне популарноста на спортот во кој бевме четврти во Европа пред неполни осум години, а сега сме сведоци на празни сали, собиралиште на потпросечни странци (чест на исклучоци) и давање шанса на младите кои предолго беа заборавани дека постојат на кошаркарската мапа во државата. Не е само до квалитетот, бидејќи на него може да се влијае со напорна работа, но кога немате концепт, тоа е ударот од кој најтешко се излегува на прав пат. А нашата сениорска репрезентација предолго е без концепт, факт што не можат да го затскријат ниту добрите резултати во последните два претквалификациски циклуси.

Клубовите, дали со општински или со приватни пари, одат во правец кој го имаат зацртано спонзорите, но кога е репрезентацијата во прашање тука концептот го креира федерацијата. Или не го прави, каков што е случајот со МКФ по последниот гаф во кој клучниот кошаркар нема да мине НИТУ ЕДЕН ДЕН подготовки во Скопје, а СЕЛЕКТОРОТ ќе патува 12.000 КИЛОМЕТРИ до Кувајт, па до Плоешти за да го води клубот и да стигне навреме во Романија за да седи на клупата на нашиот национален тим. Дека ќе даде се од себе, нема сомнеж, но колку тоа „се од себе“ е доволно за човек што од последните пет ноќи, три ќе ги мине по аеродроми за да стигне „секаде навреме“.

Зошто се случува сето ова? Смената на генерации е нормална работа ширум светот, но само кај нас е проследена со „зла крв“ и пресметки, во случајот иницирани од првиот човек на МКФ. А дека не е човек што доследно ги спроведува сопствените принципи е јасно и по последните случки, бидејќи ако репрезентацијата е светост (каква што не му беше како играч), а тој прави се за да го има најдоброто во мак-баскетот, тогаш зошто го премолчува откажувањето на Костоски. Не, ова не е барање за казна за „Квиско“, само укажување дека човекот што одиграл бројни натпревари и во одреден момент рекол „доста е“, треба да се почитува за она што го покажал во репрезентативниот дрес. А истото, па и многу повеќе сторија и Антиќ и Самарџиски, па беа „пријавени“ во ФИБА за „непослушност“. Или пак Димитријевиќ, кој „одби да игра“ за младинскиот состав. Следеше пријава, случај во ФИБА – и кој загуби најмногу? Репрезентацијата, на која ќе и беше добредојден во овој период кога се останува без Костоски.

И сега – Димитријевиќ е „предавникот“, а спасителот „на бел коњ“ ќе биде Николов, истиот тој кој пред не толку многу години за да биде заборавено се откажа од македонски пасош за да почне клупска кариера во Турција. Ама нешто не бидна како што треба, па сега одеднаш се враќа назад да настапува за сениорската репрезентација на Македонија. Без некој да го видел како игра, како што призна и самиот селектор.

Смешно е, истовремено и трагично, селекторот за два дена да води две средби, една за клуб во Кувајт, втората за репрезентација во Романија. Вината сепак не е кај Давитков, кој при преговорите со МКФ јасно стави до знаење дека има клупски ангажман во тим надвор од Европа. А таму не важат „прозорците“ на ФИБА. А кога имате „селектор на хонорар“ за кој сте свесни дека го плаќате премалку во однос на она што го заработува во клубот, можете само да молчите и да климате. Дури и кога ќе се случи ваков конфликт на интереси, се знае дека тој ќе застана на цврстиот (и богат) договор на клупски план, свесен дека во оваа репрезентација критериумите пребрзо се менуваат за да биде сигурен дека тој уште долго ќе остане на функцијата.

Лутањето со странците откако на почетокот од мандатот најави дека Македонија нема да користи натурализирани играчи се само уште еден во низата пропусти во работата на Наумоски. Џордан Теодор не е по вкусот на челниците на МКФ, Хендрикс за секој натпревар мора да се моли, сега и да се менуваат летови за од Франција да оди во САД, па оттаму да дојде во Скопје (на крајот и воопшто да не дојде во Скопје, туку да отпатува директно за Романија). А Шејн Витингтон – дали ќе го дочекаме денот кога некој ќе објасни по кои критериуми му е даден пасошот на овој Американец, тотално просечен по секое мерило за квалитет на кошаркарската игра. Да не заборавиме, Наумоски го критикуваше својот претходник за манипулација со пасошите, а сега – истиот тој Наумоски го донесе Витингтон… Има нешто труло не само во МКФ, туку и кај другите инстанци што го одобрија овој „спортски пасош“.

И на крајот, на тоа ни се сведува репрезентацијата – селектор „хонорарец“, Хендрикс како странец пред „пензија“, а домашните играчи кои се изморени, но „подобни“ можат и да не играат, само ако добијат „амин“ од „ел президенте“. На оние другите, казна не им бега…

Не е се така црно, има и добри момци, домашни играчи кои се секогаш тука за оваа репрезентација, и кога се победува и кога се губи. Сепак, тие се доволно квалитетни за Косово, Романија, Словачка и Швајцарија, но исто така и свесни дека вистинските предизвици ќе бидат претстојните главни квалификации, против сериозни ривали што не така одамна ги победувавме.

А за повторно да ги победуваме, ќе треба да се врати култот кон репрезентацијата, со професионален однос, но и третман кон самите кошаркари и стручниот штаб, кои се радуваат на дневници и премии, нешто што е сосема нормално во спортскиот свет. Затоа што со ваква поставеност на работите последните победи се само прикривање на моменталната состојба која воопшто не е розова, во која ќе се увериме штом почнат главните квалификации.

А ако сега нешто не се исправи, тогаш ќе биде доцна.

Се вчитува...