ТАЈМАУТ: За МЗТ Скопје и „македонцките работи“

ТАЈМАУТ

Стеван Цаневски

Такво време дојде, клубот што во регионот и пошироко служи за пример како не треба да се работи со домашни и со странски играчи, реши да сврти нов лист – МЗТ Скопје го крена гласот и побара намалување на бројот на странски играчи од шест на четири, за доброто на македонската кошарка. Гледано како евентуална национална стратегија, мора да се пофали, но колку и да сака човек не може да ја занемари иронијата – МЗТ Скопје да биде промотор на идејата „за македонцките работи“ откако со години наназад токму овој клуб беше иницијатор на зголемување на бројот на странски кошаркари.

Да не заборавиме, токму оваа битка, зголемување на бројот на странците на шест, беше главната причина поради која тогашниот прв човек на клубот (оној вистинскиот, кметот, не „гласниот директор – извршител“) тргна да го менува Даниел Димевски од функцијата претседател на МКФ. Потоа неговиот наследник Петар Наумоски се обиде да ги лимитира странците со внесување на правила за задолжителен настап на двајца домашни играчи на терен. И „Пеце национале“ доби интерпелација – преживеа, но јасно му беше ставено до знаење каде не треба да „чепка“ во иднина. Па се стабилизираше ова правило – за сега аеродромци да бидат промотори на идејата за доброто на мак-баскетот и на македонските играчи, истите оние кои ги маргинализираа во минатите, но и на почетокот од оваа сезона, свесно откажувајќи се од дел од млади и перспективни домашни кошаркари.

Тренерите најдобро знаат

За МЗТ се пишува во регионот за неуспешната клупска политика, но најдобро состојбата ја отсликуваат тренерите од поранешна Југославија, со коментари давани по заминувањето.

„Бројните промени се нешто неверојатно, наидов на податок дека во последните шест сезони клубот сменил 26 тренери, а продефилирале и 54 странски кошаркари. Навистина фрапантно. Од друга страна, една од најголемите грешки е што во тие шест години школата на МЗТ Скопје не извади ниту еден млад кошаркар кој би заиграл за привиот тим“ – истакна Жељко Лукајиќ.

Претходно, сличен став имаше и Змаго Сагадин, кој исто така издржа само неколку месеци, најавуваше долгорочен проект, но не издржа под притисокот за експресен резултат, паралелно со создавањето на нови играчи.

Се води еден човек, градоначалник на еден дел од Скопје, Општина Аеродром. Градоначалникот има 35 години, има три години искуство во кошарката и за жал сам ги влече сите потези. Се обидов да му објаснам дека треба да почне да размислува долгорочно, не да менува по два тренери и по осум играчи секое лето, туку да се создаде континуитет со млади и талентирани домашни кошаркари“ – порача тогаш искусниот словенечки стручњак.

Што се промени?

Борбата за подобро утре навистина треба да почне, но ако се биде реален треба да се постави и прашањето што се промени за да дојде до освестување кај повеќекратниот македонски првак.

Прво и основно – промена на политичката власт во Аеродром, заминување на поранешниот кмет кој важеше за „сива еминенција“ во македонската кошарка и минимизирање на улогата на некогаш гласниот директор.

Второ – МЗТ Скопје испадна од АБА-лигата, догодина ќе игра во втората лига од ова натпреварување, а со самото тоа нема потреба од толку голем број на странци.

Трето – Работнички се повеќе зема замав, меѓу другото и на финансиски план. „Металците“ покажаа дека се мајстори да утнат странци (отпуштија дури седум во текот на сезонава), но големиот ривал во првата година кога имаше голем буџет ги договори Гинјард и Костов, двајца врвни странски кошаркари за нашата лига.

Да, оваа управа е различна од претходната, но кога станува збор за промените на тренери и странци не го промени премногу патот по кој одеа „сино-белите“ во минатото. Конкретно кажано, сезонава потпишаа и во меѓувреме си заминаа единаесет кошаркари (Џенсен, Гарсија, Бејли, Минчев, Мавра, Павличевиќ, Мајсторовиќ, Стајиќ, Мекиќ, Митев и Мамузиќ). А резултатите беа уште покатастрофални.

За поздравување е иницијативата за намалување на странците да дојде од актуелниот првак, но ќе беше убаво макар во два три збора или една реченица да се преземе и дел од вината за состојбата во која моментно ни се наоѓа кошарката. За желбата да биде стопроцентно искрена и никој да не се посомнева во мотивите. Затоа што македонската кошарка тоне најмалку пет-шест години, ама на МЗТ Скопје досега поважни му беа шампионските трофеи од „македонцките работи“, па во тоа име тргна да менува (еднаш успешно, еднаш безуспешно) и претседатели на федерации.

А сега… дајте нови деца, ама Македонци.

Се вчитува...