Рубен Аморим доби барем малку воздух за дишење откако му се закануваше отказ доколку не успееше да триумфира на денешниот меч со Барнли. А Јунајтед до 94. минута се мачеше, резултатот гласеше 2-2, за со пенал во 95. минута „црвените ѓаволи“ да стигнат до посакуваниот триумф.
Играта беше на високо ниво, откако поведоа со 1-0 домаќините промашија неколку зицери, за што казната стигна со примен гол при првата шанса на Барнли во второто полувреме. Мбеумо одговори со својот прв премиерлигашки гол за Јунајтед за 2-1, но Барнли повторно успеа да се врати. Домаќините се мачеа, атмосферата на „Олд Трафорд“ повторно стана тензична, но ВАР-арбитрите го повикаа главниот судија, кој покажа на белата точка. Одговорноста ја презеде капитенот Бруно Фернандеш, кој за разлика од претходниот дуел со Фулам овојпат биеше прецизно од белата точка и донесе победа од 3-2.
Тотенхем по двете стартни победи попладнево неочекувано загуби на домашен терен од Борнмут со 0-1. Еванилсон беше стрелец во раната фаза на мечот, Борнмут потоа промаши неколку шанси и за втор гол, по што „спарси“ и покрај поголемиот посед не успеаја да израмнат и го претрпеа првиот овосезонски пораз.
Евертон врза две победи откако денеска како гостин го совлада Вулверхемптон со 2-3, а супердраматично беше на „Стадионот на светлината“ каде Сандерленд се врати од 0-1 и на крајот го совлада Брентфорд со 2-1 со голот на Исидор во 95. минута.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

