Тензијата на теренот излезе од контрола – Тепачка по натпреварот помеѓу Монако и Лион (ВИДЕО)

Монако загуби од Лион со 2-3 во дербито на 35. коло на францускиот фудбалски шампионат, и со овој резултат ги искомплицираше своите шанси во трката за титулата и дополнително ја засили борбата и неизвесноста за Лигата на шампионите.

Избраниците на Нико Ковач поведоа во 25-та минута преку Кевин Воланд, а останаа без предност во 57-та минута кога по убавата соло акција, Мемфис Депај израмни. Гостите останаа со играч помалку во 70-та минута откако беше исклучен Максенс Какерет, но со играч помалку на теренот Лион поведе во 77-та минута. Стрелец на овој гол беше Марсело. Ново израмнување дојде во 86-та минута кога Висам Бен Једер погоди за 2-2 од пенал, а само три минути подоцна Рајан Черки им донесе победа на гостите со својот погодок.

Возбудата и тензијата на натпреварот не запре тука, па следуваа четири црвени картони. Дел од играчите на двата тима започнаа да се туркаат и да се тепаат на теренот, па беа исклучени Матија Де Шиљо и Марсело од Лион, како и Пјетро Пелегри и Вилем Гебелс од Монако.

Пред последните три кола во француската Лига 1, Лил води со 76 поени. ПСЖ на второто место со 75 бода, Монако остана на третото место со 71 бод, а Лион на четвртото место сега има бод помалку од тимот на Нико Ковач.

 

 

 

Се вчитува...