Екипата на Тетекс се фати за последната сламка спас за опстанок во второлигашката конкуренција, откако во претпоследното коло во Тетово славеше со 2-1, по пресврт, против директниот конкурент за опстанок Тиквеш.
„Штофарите“ до тримфот од 2-1 стигнаа со голот на Нинослав Здравковски во 63. минута. Претходно, Тиквеш прв дојде до предност на денешниот меч со Христијан Трајкоски во 44. минута, а израмни за Тетекс, Тони Брњарчевски во 51. минута.
По оваа победа Тетекс се израмни со Тиквеш со 25 бода пред последното коло, со тоа што кавадарчани имаат подобар скор од меѓусебните дуели. Во последното, 27. коло, следната сабота Тетекс гостува на Металург во Скопје, додека Тиквеш во Кавадарци го пречекува Хоризонт Турново, на кој тој меч апсолутно ништо не му значи.
Во Третата лига следната сезона се сели дефинитивно Вардар Неготино откако загуби со 1-0 на гостувањето против Хоризонт Турново. Единствениот гол за турновци го постигна Даниел Радојчиќ во 78. минута од средбата.
Скопје во дербито на Автокоманда славеше убедливо против Металург со 4-0, со погодоците на Виктор Велковски и Ѓоко Алексовски, и Дарио Десниќ и Филип Колеќевски во самиот финиш од натпреварот.
Лидерот во второлигашката конкуренција Академија Пандев, сосема очекувано, си нанижа нова победа, овој пат на гостувањето против Новаци со 2-5. Начевски, Пандев, Давид Атанасковски и во два наврати Дориев беа стрелци на головите за струмичани.
РЕЗУЛТАТИ – 26. коло
Скопје – Металург 4-0
Новаци – Академија Пандев 2-5
Еуромилк ГЛ – Велазерими 2-2
Хоризонт Т. – Вардар Неготино 1-0
Тетекс – Тиквеш 2-1
ТАБЕЛА: Академија Пандев 65 бода, Скопје 53, Новаци 42, Хоризонт Т. 36, Еуромилк ГЛ 35, Велазерими 32, Металург 26, Тиквеш 25, Тетекс 25, Вардар Неготино 22 бода.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА