ТФТ без одговор за моќните аеродромци

МЗТ Скопје ја продолжи серијата извонредни игри во домашното првенство, славејќи со 82-90 на гостувањето против ТФТ. Дуелите со тимот од Тафталиџе знаат да бидат незгодни за фаворитите, но аеродромци овојпат одиграа беспрекорно, заслужено стигнувајќи до осмата прволигашка победа во низа. Како пресудна се покажа втората четвртина што МЗТ Скопје ја доби со 16-29, по што кошаркарите на тренерот Радуловиќ рутински ја одржаа предноста до самиот крај.

Дуелот беше израмнет во првите осум минути (18-20), по што МЗТ Скопје далеку подобро ја финишираше четвртината и стартните десет минути игра завршија со водство на актуелниот шампион од 18-26, по поените што ги постигнаа Рикиќ и Робев. Дејвис погоди на почетокот од втората четвртина за прво двоцифрено водство на МЗТ (18-28), по што Аеродромци одиграа фуриозно во овој дел од мечот. Капитенот Дамјан Стојановски погоди низа шутеви, предноста на аеродромци се повеќе се зголемуваше и на одмор се замина со убедливо водство на „сино-белите“ од 34-55.

ТФТ конечно заигра нешто подобро во одбраната во третиот период, МЗТ ја загуби сигурноста во реализацијата на нападите, домаќините за момент стигнаа до „минус десет“ (58-68), за Мекиќ со тројка да стави печат на четвртината и во последните десет минути се влезе со удобна предност на актуелниот првак од 58-71.Домашните кошаркари се обидоа целосно да се вратат во мечот, но МЗТ покажа и квалитет и искуство, избраниците на тренерот Радуловиќ знаеја како да ја одржат удобната предност, на крајот сосема заслужено славејќи со 82-90.

Дамјан Стојановски со 20 поени беше најефикасен кај МЗТ, плејмејкер Вер не беше расположен за шут (3/14) од поле, но сепак стигна до дабл-дабл од 10 поени и 14 асистенции, а дабл-дабл оствари и центарот Рикиќ, со 19 поени и 13 скокови. Хортон со 25 поени беше најефикасен во таборот на ТФТ.

Се вчитува...