Тијаго Сплитер ќе биде новиот тренер на Чикаго Булс, објавуваат американските медиуми. Бразилскиот стручњак доаѓа на клупата на познатата франшиза откако го водеше Портланд како привремен тренер минатата сезона и го водеше тимот до плејофот со скор од 42-40.
Сплитер го замени Чонси Билапс на таа позиција, кој беше суспендиран во октомври поради наводна вмешаност во нелегално обложување. Под водство на Бразилецот, Портланд стигна до плејофот, каде што беше запрен во првото коло од Сан Антонио.
Поранешниот репрезентативец на Бразил беше запаметен како првиот кошаркар од неговата земја што ја освои титулата во НБА. Тоа го направи во 2014 година со Сан Антонио Спарс. Својата играчка кариера ја заврши во 2018 година поради проблеми со колкот. Беше асистент во Бруклин и Хјустон, а потоа самостојно го водеше Париз, со кого го освои шампионатот и Купот на Франција во сезоната 2024/25.
После тоа, тој се врати во НБА како член на тренерскиот штаб на Портланд, а сега ќе добие можност да предводи тим за прв пат од почетокот на сезоната.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
