Околу пет месеци Тијана Митрева е дел од Мерцедес Алгеро. Младинската репрезентативка која беше и прв поентер во македонскиот национален тим на изминатото Европско првенство за кошаркарки до 16 години доби шанса за да продолжи со градење на својата кариера во Италија и бе многу размислување ја прифати. Митерва беше и номинирана од страна на македонската куќа на кошарката за најдобра млада кошаркарка за изминатата 2016 година и во севкупниот избор заврши како втора, зад Матеа Николиќ.
„Уште кога ми понудија да дојдам овде во Италија без размислување прифатив. Знам дека е тешко да се биде разделена од своите најблиски на 16 годишна возраст, но тоа го правам бидејќи професионално играње кошарка е мојата желба. А за таа желба да се оствари потребно е многу труд и откажувања од многу работи“ – вели Митрева за предизвикот на млада возраст да остави сè зад себе и да замине да го калеми својот талент во Италија зад себе оставајќи одлична сезона во дресот на МНА Кожувчанка од Кавадарци.
Вниманието од тренерите кое го добива, како и довербата за минутажа на натпреварите кажуваат за светлата иднина на младата кошаркарка.
„Имам индивидуални тренинзи трипати во неделата, заедно со мојот тренер каде што работиме на исправувањето на моите грешки и постепено напреднување во сите делови од кошарката. Супер е, многу подобро од Македонија. Задоволна сум од минутажата. Во мојата конкуренција играм речиси 40 минути, исто и со генерацијата до 18 (околу 30 минути). Со генерацијата до 20 години имам солидна минутажа од 25 минути. Тренерите се трудат што повеќе да напредувам. Со соиграчите имам многу добри односи и ме прифатија како дел од тимот уште од првата недела и се трудат да ми помогнат во сè“ – дополни Митрева.
Желбите на младинската репрезентативка се јасни. Целта е да заигра во најдобрата женска лига во светот, преку океанот, но има време за размислување.
„Потпишав на една година, ама мислам да го продолжам договорот. Најпрвин овде сум за да се оформам како играч. Сега имам 16 години и уште цели две години за размислување дали да продолжам како сениор овде во Италија“ – заврши Митрева.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА