Тиквата е пукната: Левандовски понижен од раководството на Баерн Минхен

Роберт Левандовски е најважен фудбалер на Баерн Минхен, но раководството на германскиот клуб неочекувано предолго тактизира со понудата за продолжување на соработката со напаѓачот. Изминативе 2-3 недели, ниту генералниот менаџер Оливер Кан, ниту спортскиот директор Хасан Салихамиџиќ не разговарале со полскиот репрезентативец на оваа тема, а тоа посебно го иритира Левандовски.

Според „Билд“, веројатно и очекувано, голгетерот го смета ваквото однесување за класично непочитување и понижување, па и кај него ја активира идејата за разделба по истекувањето на актуелниот договор.

Левандовски има договор до 2023 година и заработува по 24 милиони евра годишно, па германските медиуми шпекулираат дека раководството на Баерн не е сигурно оти заслужува подобар договор со оглед на возраста и немањето гаранции дека ќе остане на исто ниво и наредните години.

Критики стигнаа и од легендата на клубот, Лотар Матеус, кој не може да го разбере однесувањето на Баерн во ситуација кога е јасно дека тешко може да најде замена за играч како Левандовски.

Се вчитува...