Тодоровиќ: МЗТ знае како се освојуваат трофеи во Битола, одиме по нов пехар

МЗТ Скопје е бранител на трофејот освоен лани, а „металците“ барем на хартија би требало да имаат најлесна задача во четвртфиналето, во кое за противник ќе ја имаат екипата на Гостивар.

Присутен на денешната прес-конференција во Битола беше помошниот тренер Миодраг Тодоровиќ, кој не крие дека аеродромци полни со оптимизам ќе допатуваат в четврток во „градот на конзулите“.

„Пред се да изразам задоволство што Купот се игра надвор од Скопје, сите нас треба да не радува што се појавуваат нови кошаркарски центри како што е Битола. Можеби Битола долго време важи за ракометен град, но верувам дека со развојот на кошарката и тоа ќе се помени. Самото име МЗТ носи своја тежина и како 11-кратен освојувач на купот одиме по нов трофеј. Играме со Гостивар, тим предводен од тренер кој е легенда на македонската кошарка и кој ќе знае како да ја подготви својата екипа. Врзавме неколку победи на АБА2 турнирот, без лажна скромност ние доаѓаме за да го одбраниме трофејот. Веќе два пати ни успеа во првенството да освоиме титула во Битола, се надевам дека сега ќе освоиме и куп-трофеј од овој град“, изјави Миодраг Тодоровиќ.

На спротивната страна, Јорданчо Давитков како предводник на Гостивар се пожали на проблеми со ростерот, но и најави борба на својот тим во обид да приреди изненадување.

„Битола е кошаркарски град, се надевам дека ќе има полна сала и дека во трите дена ќе бидеме дел од кошаркарски празник. Екипите се доста израмнети и ќе мора сите да се намачат за да стигнат до победите што ги посакуваат. Нека биде се на висина на задачата,па најдобриот нека победи на крај. Можеби е клише, но во купот нема фаворити, тоа е специфично натпреварување во кое многу послаби екипи победувале поголеми фаворити. Ние имаме навистина многу повредени играчи, МЗТ е еден од фаворитите, ние ќе одиграме најдобро што можеме, па ќе видиме колку е тоа најдобро што можеме доволно за да стигнеме до добар резултат“, прокоментира Јорданчо Давитков.

Се вчитува...