Томче Андоновски: За каков олимпизам зборува Димевски, за какво обединување на спортот…

Раководителот на сектор Спорт при Агенцијата за Млади и Спорт, Томислав Андоновски, преку допис реагираше на изборот на Даниел Димевски за нов претседател на Македонскиот Олимписки Комитет.

Ставот на Андоновски го пренесуваме во целост:

Почитувани,

Морам да ја потсетам јавноста дека Олимпискиот комитет на Северна Македонија конституран од олимписките национални федерации, континуирано не ги почитувал законите на Република Северна Македонија и тука е пречката во однос на забелешките на надлежните органи и институции од 1994 до денес. Олимскиот комитет на Северна Македонија до 2019 година беше регистриран во Централниот регистер како верска заедница, а организиран како туристичка агенција да служи на мала група вработени во него. За аномалијата на оваа организација, која 28 години релизирала собранија и избори на претсeдaтел и УО со 125 делегати, во кое повеќе од една четвртина беа починати, а финансиските извештаи за олимпискиот денар и работењето беа секогаш неразбирливи, недоречени, доставувани во сомнителна форма, за која сум сведок како член на Собранието и врвен аналитичар во областа на спортот и општествените дејности.

Затоа, во 2019 година со мнозинство на национални спортски федерации и посредување на Меѓународниот олимски комитет уреден е членот 10 во кое мнозинство на собранието го сочинуваат 29 националани спортски федерации од олимските спортови и 21 спортист и три федерации од неолимписките спортови. Последното Собрание во режија на Даниел Димевски и „професионалците“ во Комитетот, во епизодата Изборно собрание, од серијата ОЛИМПИСКИ КОМИТЕТ, почнаа со измислени критериуми, за кој Димевски вели дека со неговата колешка Војневска – Зикова се 7 години членови на УО на Комитетот, а истиот тој и ја оспорувал кандатурата на само двесет часа пред одржување на Собранието, и манипулација за дозвола да гласаат на федерации кои немаат право да учествуваат на Собранието (пливачка и стреличарска федерација), како и избор на спортист во Собранието да гласа за Димевски.

Да се разбереме, немам ништо против избраниот спортист, кој веднаш гласал, но сте размислиле ли дали има место и за спортисти со вредности на оние како што се на Кирил Лазаров, Пепи Манасков, Горан Пандев, Артим Шаќири, Шабан Трстена спортист на векот и други. Верувам дека има, ама не сум сигурен дека ќе гласаат за личности кои триесет години го водат Комитетот. Истите тие професионалци објавија информации, веднаш по завршување на рокот за пријавување кандидати дека Димевски има 34 иницијативи, за да на почетокот на Собрането при првото броење, тие инцијативи паднаа на 20 поддржувачи, предводени од Стреличарска федерација – со 1 клуб, Веслачка – со 3 клуба, Лизгачка федерација – со 4 клуба.

За време на Собранието игрите продолжија, кога Димевски самиот се стави во улога на претседавач, а Александар Поповски – генералниот секретар во бројач на гласови, борејќи се да го задржи својот статус, без конкурс при избор и отчетност за своето работење. Олимпискиот комитет на Северна Македонија, нема доставено извештај за финансиските средства ниту во 2018 година, кога направи пак превара давајќи стара завршна сметка, а нема ниту 2019 и денес 2020 година. Собранието го напуштија 15 федерации, во кои се регистрирани 95% од клубовите и 99% од спортистите во Северна Македонија, како и 10 врвни спортисти. За каков олимпизам и благоречиви изјави зборува Димевски, за кое обединување на спортот говори.

На крајот, за изјавите за малото и незначајно тело на Агенцијата за млади и спорт, кое Димовски го дефинира како „гангренозно“. Дегутантно е и непристојно да се нема респект за луѓето кои во последниве дваесет години биле директори на Агенцијата за млади и спорт, а тоа се десет луѓе, именувани од Владата на Република Севрна Македонија, секој со свои вредности, морални, образовни, стручни и човечки, кои со успех ја воделе Агенцијата. Секторот спорт е темелот и двигателот на спроведување на законите, за кои и е формирано. Да потсетам донесени се закони и подзаконски акти со кои е обезбедено да се категоризираат спортистите, светска и меѓународна категорија (350 спортисти), категорија спортска надеж за кои од 2008 доделени се повеќе од 5000 стипендии, прогласени спортисти носители на национално спортско признание и право на доживотна пензија, доделени се досега десет награди „8 септември“ за животно дело, и 38 за остварувања во спортот.

Спортот во 2015 имаше едвај стотина милиони, денес располага со сериозен буџет зголемен за 10 пати повеќе, благодарение на луѓето од секторот спорт, кои со ум и молив успеаја да обезбедат користење на средства од донации и спонзорства, игри на среќа, данок на добивка, зафаќања од буџетите на локалната власт за спортот и др. Затоа, континурано е барано Олимпискиот комитет на Северна Македонија да ги почитува законите на Република Северна Македонија, а не самиот да се регистрира како верска заедница. Тешко е да се води спортски клуб, тешко е да се води и федерациија, но тешко е да се води и орган на управа надлежен за спортот. Сакам да констатирам дека Даниел Димевски, согласно неговите специјалности, не знам дали бил спортист, но затоа специјализирал формирање на трговски друштва водени од него, повеќе блокирани сметки при што, поради долгови манипулира со име на федерација.

Проверете во последниве дваесетина години тој е на листата на привилегирани закупувачи на деловен простор, а секако најсвежи договори се оние кои ги склучил со Јавното претпријатие за управување со објектите за спорт во сопственост на Република Македонија, при што во една ноќ закупениот објект Кале го дава во подзакуп повтроно во кругот. Зад името на овој човек, кој претендент да стане „претседател“ стојат многу сомнителни дејанија поради кои не може и не би требало да се кити со претседателска фунција.

Со почит,

Д-р сц. Томислав Андоновски

Се вчитува...