Тонали верен на Милан, за награда – двојно поголема плата

Сандро Тонали денеска и официјално го стави својот потпис на новиот петгодишен договор со Милан, уште еднаш покажувајќи ја својата лојалност кон актуелниот првак на Серија А. За услугите на овој одличен фудбалер за врска се интересираа Арсенал и уште неколку премиерлигаши, му нудеа далеку повисока плата од онаа во Милан, но за Тонали немаше дилема – иднината на овој плејмејкер е на „Сан Сиро“.

Челниците на Милан знаеја како да ја наградат неговата лојалност, нудејќи му повеќе од двојно повисока плата од она што го заработуваше минатата сезона во Милано. Имено, Тонали во периодот на коронавирусот се согласи на намалување на платата на 1,3 милиони евра по сезона, но со новиот договор, тој ќе остане во клубот до 2027 година, а ќе има загарантирани 2,8 милиони евра по сезона, плус премии врзани со бројот на настапи, голови и освоени трофеи во наредниот период.

Милан во текот на вчерашниот ден го официјализираше новиот договор со Круниќ, денеска ја продолжи соработката со Тонали, а следен на листата на играчи кои се очекува да ја продолжат соработката со „росонерите“ е Португалецот Рафаел Леао.

Се вчитува...