Топ 5 фудбалски моменти на деценијата – Време е за збогум, Ибракадабра, Леви шоу, Торино на нозе и нова надеж (ВИДЕО)

Со завршувањето на 2019 година се заокружува период од десет години во кој бевме сведоци на неверојатни спортски приказни. Редакцијата на ЕКИПА.МК составува листа од топ 5 фудбалски моменти кои ја одбележаа изминатата декада.

ПЕТ ГОЛА ЗА ДЕВЕТ МИНУТИ 

Полскиот интернационалец Роберт Левандовски веројатно ги одигра најлудите девет минути во историјата на спортот. Тој на мечот против Волфзбург во Бундес-лигата за девет минути успеа да постигне пет гола и да биде запишан со „златни букви“ во учебниците за фудбал. Волфсбург водеше со 0-1 по првото полувреме, кога Гвардиола го уфрли во игра Левандовски на местото на Тијаго. Желбата беше јасна – резултатски пресврт, но  никој не очекуваше така моќно издание на Полјакот, кој во периодот од 51. до 60. минута постигна дури пет погодоци.Тој за три минути и 21 секунда постигна хет-трик, остварување што се уште е најбрзо во историјата на Бундес-лигата, а петтиот гол, реализиран со неповторлив волеј-удар го постигна во период од 8:59 минути во однос на првиот, за најбрзо постигнати пет погодоци во историјата на светскиот фудбал од страна на еден ист играч.

ИБРАКАДАБРА 

Златан Ибрахимовиќ е еден од фудбалерите кој со својата појава ја одбележа изминатата декада. Еден од моментите кои се за издвојување и ќе останат запаметени, е голот со „ножички“ кој го постигна на пријателскиот меч меѓу Шведска и Англија. Се играше судиското надополнување во кој домаќините водеа со 3-2. Голманот на Англија, Џо Харт беше принуден да истрча и да ја исфрли топката на некои 30 метри од својот гол. До топката, за жал на Англичаните, а на среќа на сите љубители на фудбалот прв стигна Ибрахимовиќ и со „ножички“ ја зафати додека беше во воздухот. Тоа беше четврти гол за Златан на натпреварот и веројатно еден од најубавите во историјата на фудбалот.

ТОРИНО МУ СЕ ПОКЛОНИ НА КРИСТИЈАНО РОНАЛДО 

Кристијано Роналдо доби стоечки овации на „Јувентус арената“ во Торино во првиот натпревар од четвртфиналниот двомеч од Лигата на шампионите во сезоната 2017/2018 година. Долго ќе се памети голот со ножички со кој успеа да го совлада Џанлуиџи Буфон и да биде првиот противнички фудбалер кој добил стоечки овации на „Јувентус арената“. Неверојатните способности на Португалецот дојдоа до израз. Тој ја удри топката на 2,10 метри од земјата, што само ја отсликува неговата одлична физичка подготвеност и скочност. По ова, топката заврши во левиот агол од голот на Јувентус, а Буфон беше немоќен. Веројатно големата чест која ја доби од фановите на трибините беше главниот фактор токму следниот преоден рок тој да се пресели во Торино и да потпише договор со италијанскиот шампион.

„ВОЈНА НА ГИГАНТИТЕ – НОВА НАДЕЖ“ – МАЛИОТ ЛЕСТЕР Е НОВ КРАЛ НА АНГЛИЈА 

Најубавата фудбалска приказна изминатата деценија беше испишана во сезоната 2015/2016 во англиската Премиер-лига. Клаудио Раниери конечно ги дочека своите пет минути и успеа „малиот“ Лестер да го искачи на врвот. Варди, Марез, Канте и останатите ќе бидат запишани со „златни букви“ во историјата на клубот кој ретко можел да се пофали дека може и да триумфира против гигантите, а не пак да биде пред нив на првенствената табела. Сезона за незаборав. Сезона која им даде надеж на малите дека и тие може да бидат Лестер и барем еднаш на 10, 20 години со добра концепција, мотив и желба да ги изненадат фаворитите и да направата чудо. Лестер ќе биде приказна која ќе се раскажува како легенда се додека постои човештвото. Лук Скајвокер донесе „Нова надеж“ во една далечна галаксија, во едно далечно време, а „Лисиците“ донесоа „Нова надеж“, во нашето време, во нашата галаксија.

ВРЕМЕ Е ЗА ЗБОГУМ 

„Time to say goodbye“ пееше Андреа Бочели, а пееја и навивачите на Манчестер Јунајтед на последниот натпревар на Сер Алекс Фергусон на „Олд Трафорд“. По 21 сезона помината на клупата на англискиот гигант, тој 12 мај 2013 година тој се прости со своите верни навивачи кои го следеа во победи и порази повеќе од две децении. Титулата беше прославена во меч против Свонси кој Јунајтед го доби со 2-1, а од сегашна перспектива во тој момент никој не се надеваше дека „црвените-ѓаволи“ може да паднат во таква резултатска криза и ниту еднаш од таа 2013 да не бидат вистински конкуренти за трофејот во Премиер-лигата.

Се вчитува...