ТОП 5 настани кои ја одбележаа 2021: Македонија на ЕП, ЛОИ во Токио, Крахот на еден проект наречен „Суперлига“…

Коронавирусот и оваа година ја одбележа спортската сцена, но не успеа во целост да ги спречи предвидените спортски настани. Спортот понуди големи борби и предизвици, а клубовите и играчите покажаа храброст и одлучност во своите цели. Од историскиот пласман на Македонија на фудбалското ЕП, Олимпијадата во Токио, па се до обидот за создавање на Супер-лигата, фановите беа сведоци на голем број спортски настани, кои оставија свој белег.

ЕКИПА ги издвојува највпечатливите Топ 5 настани за 2021 година.

МАКЕДОНСКАТА ФУДБАЛСКА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА ЗА ПРВПАТ ВО ИСТОРИЈАТА НА ЕДНО ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО

Фудбалската репрезентација на Македонија го направи најголемиот успех во историјата, тоа што не им успеа на генерациите на Панчев, Митревски, Шаќири, им успеа на Пандев, Димитриевски, Адеми, Елмас, Алиоски, Несторовски. Генерацијата предводена од капитенот Пандев наплати за сите разочарувања, нервози, солзи, па откако ја совлада Грузија со 1-0 во Тбилиси го завери билетот за настап на Европското првенство. Македонија не обезбеди победа против своите противници, но ја обедини нацијата како никогаш досега. На овој турнир Италија успеа да стане нов европски шампион откако ја победи Англија во финалето на Европското првенство, по изведувањето на пенали. Овој турнир беше 16-ти во низа, а станува збор за првенство кое се одржува еднаш на секои четири години во организација на Унијата на европските фудбалски асоцијации (УЕФА).

КРАХОТ НАРЕЧЕН СУПЕРЛИГА

Проектот за Суперлига го првилече вниманието на фудбалската јавност, откако веста одекна како „гром од ведро небо“. Сепак, брзо заврши големата амбиција на дел од фудбалските гиганти, откако ФИФА и УЕФА упатија сериозни закани и потенцијални санкции. Според последните информации, случајот се наоѓа пред Европскиот суд во Луксембург, а клучниот спор е во тврдењето на клубовите основачи дека УЕФА и ФИФА го прекршиле правилото за натпреварување што важи во Европската унија и дека ќе мора да плати одредена сума на пари. Првиот човек на УЕФА, Александар Чеферин, изрази бес по новонастанатата ситуација околу 12-те одметници кои планираа да формират Супер-лига, меѓу кои се наоѓаа Арсенал, Челси, Ливерпул, Манчестер сити, Манчестер јунајтед, Тотенхем, Милан, Интер, Јувентус, Барселона, Реал Мадрид и Атлетико. Чеферин особено го заболе предавството на Андреа Ањели, првиот човек на Јувентус. Ањели со години беше на чело на Европското здружение на клубови (ЕЦА) и со Чеферин преговараше за новиот формат на Лигата на шампионите.

ОДБОЈКАРИТЕ НА ЕВРО-ШАМПИОНАТОТ

Македонската одбојкарска репрезентација го забележа своето второ учество на собирот на најдобрите селекции на Стариот континент. Нашите момци во седум дена се бореа против Финска, Холандија, Турција, Шпанија и Русија, но не успеаа да обезбедат ниту една победа. Македонија на овој турнир го освои претпоследното 23-то место. Инаку, во фантастично финале во арената „Сподек“ во полскиот град Катовице, Италија со 3-2 во сетови ја совлада тврдата Словенија и стана нов европски првак.

ЛЕТНИ ОЛИМПИСКИ ИГРИ ВО ТОКИО

Летните олимписки игри конечно беа отворени во Токио (Јапонија), по едногодишно доцнење поради пандемијата на коронавирусот, а Македонија беше претставувана од вкупно осум спортисти. Овие Олимписки игри беа различни од сите останати, бидејќи на љубителите на спортот од странство им беше забрането да присуствуваат на трибините, а само на некои места беше дозволено присуство на публика, бидејќи одредени области во Јапонија, вклучително и Токио, се наоѓаа под вонредна состојба поради зголемување на бројот на заразени од Ковид-19. Боите на Македонија ги бранеа Блажевска Еминова Миа – пливање 100 м. 2. Бранковски Борјан – спортско стрелаштво 10 м. воздушен пиштол 3. Георгиевски Дејан – таеквондо – +80 кг 4. Деркоски Филип – пливање 400 м. 5. Јованоска Пулексенија – карате – Ката 6. Нуров Магомедгаджи – борење слободен стил – 97 кг 7. Реџепи Арбреша – џудо – 52 кг 8. Стојоски Јован – атлетика 400 м. Дејан Георгиевски го обезбеди најдобриот резултат за Македноија, успевајќи да обезбеди олимписко сребро, откако го изгуби финалниот дуел против Владимир Ларин од Русија. Георгиевски има само 22 години, а неговата блескава спортска кариера штотуку започна да се одвива по нагорна линија.

РАКОМЕТНАТА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА НА СВЕТСКО ПРВЕНСТВО

Откако Чешка поради голем број на заразени ракометари од Ковид-19 се откажа од СП во Египет, ракометната репрезентација на Македонија озбезбеди пласман на големиот светски ракометен собир. Македонија играше во Групата Г, каде за проитивник ги имаше домаќинот Египет, Шведска и селекцијата на Чиле против која обезбедивме единствена победа. Нашата репрезентација настапи со доста подмладен состав, а таквата постава не ги донесе посакуваните резултати за „црвено-жолтите“. Македонија овој турнир го заврши на 23-та позиција од вкупно 32 слекеции учесници. Ракометната репрезентација на Данска е старо-нов светски шампион, откако во финалето на Мундијалот во Египет, во крајно неизвесен натпревар ја победи Шведска со 26-24.

Се вчитува...