Тотенхем нека почека, оти Шкендија има домашни обврски: Академија Пандев гостува во Тетово

Европа еуфорија владее во Шкендија, по триумфот над Ботошани тетовскиот тим се избори за дуел против англискиот премиерлигаш Тотенхем на 24.септември. Но, Жозе Мурињо и Тотенхем барем денеска се во втор план кај тренерот Ернест Ѓока и фудбалерите на Шкендија затоа што имаат домашни обврски. Во Тетово гостува тимот на Академија Пандев, а Шкендија сака да оствари нова победа.

Академија Пандев го загуби тренерот Александар Таневски кој си поднесе оставка по слабиот старт на шампионатот и денеска повторно на клупата се очекува да биде неговиот претходник, Југослав Тренчовски. Тој треба да ги разбуди „пандевци“ од летниот сон.

Силекс имаше кусо европско лето, доби лекции од Карабах, а потоа и од Дрита, и сега се враќа со соте мисли таму каде што му оди многу подобро, во Првата фудбалска лига. Во Кратово денеска гостува Борец, а избраниците на Горан Симов, кои разочараа во Европа ќе мораат да се подобрат во домашниот шампионат. Борец секако посакува да остане непоразен на овој дуел.

На Чаир, Шкупи ќе ја пречека Ренова која исто така доживеа елиминација од Лига Европа, но и релативно добро му се спротивстави на Хајдук. Посебно блескаше голманот Хадис Велии кој треба да биде адут на „гипсарите“ и на денешниот меч против Шкупи.

Беласица е се уште на „нула“, а Пелистер сигурно сака струмичани да останат на таков биланс и по денешното гостување на стадионот „Младост“. Битолчани играат тврдо, тешко примаат, но и тешко постигнуваат голови по враќањето во прволигашкото друштво.

Вчера, Македонија ЃП го совлада Вардар со 2-1, а Работнички и Струга Трим Лум ремизираа, 1-1.

ПРВА ЛИГА, 6.КОЛО (ДЕНЕСКА, 15.30 Ч.)

ШКЕНДИЈА – АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ 

СИЛЕКС – БОРЕЦ

ШКУПИ – РЕНОВА

БЕЛАСИЦА – ПЕЛИСТЕР

ВЧЕРА: МАКЕДОНИЈА ЃП – ВАРДАР 2-1

РАБОТНИЧКИ – СТРУГА ТРИМ ЛУМ 1-1

Се вчитува...