Грчкиот фудбал е потресен од драматичната вест за тешката сообраќајна несреќа во која настрада поранешниот репрезентативец, Мариос Иконому.
Поранешниот дефанзивец на АЕК и бројни европски клубови е во критична состојба по вчерашниот судир кој се случил во Јанина, а според информациите од Грција, тој претрпел многу сериозни повреди на главата.
Според првите информации, мотоциклот што го управувал 34-годишниот Иконому се судрил со автомобил, по што поранешниот фудбалер бил итно префрлен во болница.
Лекарите веднаш реагирале, направена е итна операција, но грчките медиуми јавуваат дека неговата состојба е сè уште исклучително сериозна. Тој моментално е на интензивна нега, каде што лекарите се борат за неговиот живот.
Веста предизвика голем шок кај фудбалските навивачи во Грција, особено кај навивачите на АЕК, клубот каде што остави длабок белег за време на својата кариера.
Иконому ја заврши својата професионална кариера во јули 2024 година по епизодата во Панаитоликос.
За време на неговата богата кариера, тој играше за голем број клубови низ Европа. Ги носеше дресовите на Болоња, Копенхаген, ПАС Јанина, СПАЛ, Бари и Каљари, додека најголемата трага во својата татковина ја остави токму во АЕК.
Грчките медиуми објавуваат дека следните неколку часа ќе бидат клучни кога станува збор за неговата здравствена состојба.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
