Трајковски „флертуваше“ со трипл-дабл, Феникс 2010 со „стотка“ за МЗТ 2

Феникс 2010 стигна до 12. победа во Првата лига откако во последниот натпревар од регуларниот дел на првенството славеше над МЗТ Скопје 2 со 100-92. Новалијата одигра одлично прво полувреме во кое стигна до висока предност, одолеа на налетот на гостите во последната четвртина и сосема заслужено освои нови два бода.

Двата тима умешно ги користеа грешките на противникот на отварањето на натпреварот, а прв иницијатива ја превзема Феникс чија зонска одбрана создаде проблеми во организацијата на играта на МЗТ Скопје 2, а “штркчињата” нема одговор за играта на домаќинот во рекетот. Избраниците на Дервишевиќ стигнаа и до лесни поени во транзиција па поведоа со двоцифрена предност, која беше задржана и по 10. минути игра (33-23). Добрата одбрана на гостите во продолжението од првото полувреме донесе преполовување на негативата, но не траеше долго постот на домаќините. Агресивната одбрана го наруши напаѓачот ритам, а на спротивната страна расположен зад линијата 6,75 беше Вилијамс, нему му се приклучија и Морган и Трајковски па предноста на полувремето се искачи на 59-45.

Отварањето на второто полувреме донесе подобра игра во нападот и одбраната на МЗТ Скопје 2 кој успеа да ја пробие одбраната на домаќинот за лесни поени во рекетот па стигна и до негатива од десет поени, но не успеа да ја сведе истата на едноцифрена. Феникс на крајот на третата четвртина влезе во серија за три поени па ја задржа контролата на мечот (83-68). Тоа што не успеа да го направат “сино-белите” во третата четвртина, успеаја во 32. минута благодарение на добрата игра во одбраната и расположениот Исајловски со чии поени гостите стигнаа до -8 (83-75). Добриот ритам на избраниците на Христовски продолжи и по тајмаутот на домаќините, а лесните поени во транзиција ја сведоа негативата на 88-82, но искусниот Трајковски навремено ја врати стабилноста во играта на младиот тим со што Феникс го одби налетот на гостите и заслужено стигна до уште една победа.

Бојан Трајковски флертуваше со трипл-дабл завршувајќи го натпреварот со 29 поени, 12 скока и осум асистенции. Кај поразените Петровски заврши со 19 поени.

Се вчитува...