„Трампа“ во најава: Мбапе во Ливерпул, Салах во ПСЖ?!

Килијан Мбапе секојдневно е актуелна тема на француските медиуми, се поизвесно е дека извонредниот голгетер летово ќе си замине од ПСЖ, а според последните информации тој може да заврши во Ливерпул, и тоа во директна размена за Мохамед Салах. Ова го тврди француски „Телефут“, според чии информации управата на ПСЖ го преферира ангажманот на Салах во однос на офанзивата по Кристијано Роналдо што беше најавувана неодамна.

Првата причина е возраста (Салах има 28, a Роналдо 36 години), а втората – финансиите, со оглед на фактот дека Египќанецот би прифатил и двојно помала плата од оние 32 милиони евра што Роналдо годишно ги заработува во моментов во Јувентус. Исто така, во ПСЖ владее страв од „војна на ѕвездите“ доколку во иста соблекувална се најдат Роналдо и Нејмар, врвни играчи, кои исто така поседуваат и огромно его.

Ливерпул веќе извесно време не крие дека сака да го доведе Мбапе, но „црвените“ секогаш се „втора опција“ зад Реал Мадрид. Проблемот за „кралевите“ е што во период на криза тешко можат да издвојат околу 150 милиони евра за овој екстра-голгетер. Ливерпул го има Салах, кој во евентуална размена би бил проценет на околу 100 милиони, па „црвените“ со скромна доплата би го добиле еден од најдобрите фудбалери на денешницата.

Секако, овие информации засега не добиваат потврда ниту кај раководството на ПСЖ ниту кај Ливерпул, но јасно е дека доколку Мбапе во следните два месеци не потпише нов договор (што е малку веројатно да се случи), „светците“ ќе бидат принудени да го продадат. А во период на криза кога клубовите не се доволно финансиски моќни, Салах и доплата би можело да биде сосема добра опција за францускиот клуб.

Се вчитува...