Трансфер пред Суперлигата: Двејн Морган од Феникс во ТФТ

Новлијата Феникс 2010 во дебитнатската сезона во Првата кошаркарска лига сепак ќе игра во Суперлигата, но во натпреварите против најдобрите тимови во мак-баскетот тренерот Денис Дервишевиќ нема да може да смета на услугите на Двејн Морган.

Крилниот центар кој го засили скопскиот тим на почетокот на сезоната беше „полн-погодок“ за младиот тим со просек од 18.0 поени и 7.6 скока на 22 одиграни натпревари, но завршницата на сезоната ќе го помине во редовите на ТФТ. Трансферот е веќе договорен, а остануваат да се завршат само формалности.

Доколку Американецот успее да се вклопи во составот на Боро Смилковски тоа ќе значи и решавање на проблемот на високите позиции по неколкуте повреди на клучните кошаркари, и со тоа ќе биде големо засилување за „црно-белите“ во походот кон „двојна круна“.

Засега останува непознато дали Феникс 2010 ќе се сврти кон странски засилувања или пак сезоната ќе ја заврши на „домашен погон“.

Се вчитува...