Тренерот на Работнички, Горан Станковски, си поднесе оставка

Горан Станковски веќе не е шеф на стручниот штаб на Работнички. Тој денеска поднесе неотповиклива оставка на функцијата преземајќи ја одговорноста за последните резултати на „романтичарите“. По вчерашното реми (1-1) против Академија Пандев, Станковски денеска имаше состанок со раководството и го информираше дека ќе си замине од тренерската позиција.

„Поднесов оставка од позицијата шеф на стручен штаб на Работнички. Мислам дека ова е вистински потег од моја страна, да преземам одговорност за досегашните резултати на тимот во првенството. На тимот му е потребен нов импулс за да продолжи со подобри игри и резултати, а тренерот е тој што секогаш треба прв да ја преземе одговорноста. Сакам да изразам благодарност до раководството на клубот, претседателот Драган Поповски за укажаната доверба, и на ФК Работнички му посакувам многу успеси во наредниот период. И понатаму верувам дека овој тим може да ги исполни своите цели“, изјави Горан Станковски за официјалниот сајт на клубот.

Работнички имаше амбиции за излез на европската сцена оваа сезона, но во моментов се наоѓа на петтата позиција со 29 бода со значително намалени шанси да ја исполни целта.

Се вчитува...