Триатлонците в недела во Дојран ќе се борат на државното првенство

Македонскиот туристички центар Дојран в недела ќе биде домаќин на државното првенство во триатлон. Ќе бидат одржани натпреварувања во 12 конкуренции, а ќе учествуваат над 80 триатлонци. Натпреварувањето ќе се одржи со почитување на протоколите за заштита од COVID-19 информираат од Триатлон федерацијата на Македонија.

„Со голема радост ве информираме дека пред нас е долгочекуваното национално првенство во триатлон во Дојран кое ќе се одржи на 20. септември 2020 година (недела). Настанот ќе биде комплетно организиран под строги безбедносни протоколи пропишани од надлежните институции, а со цел заштита на учесниците и на сите инволвирани од коронавирусот.

Натпреварувањето кое ќе се бодува за шампионат на Македонија во триатлон е во организација на Триатлон федерацијата на Македонија  и на општина Дојран. Помагатели се Агенцијaта за млади и спорт и Олимписки Комитет на Северна Македонија. На настанот ќе има над 80 учесници во 12 категории. Триатлон спортот во Македонија засилено расте и напредува и очекуваме убаво организирана и силна трка во недела во Дојран.

Ги повикуваме сите учесници на настанот, без исклучок, да ги почитуваат протоколите и мерките за заштита од COVID-19. Носењето маска, пред и по трката, е задолжително. Избегнувајте групирање, одржувајте физичка дистанца и редовно дезинфицирајте ги рацете на пунктовите кои ќе бидат поставени за таа цел.

Триатлонот во Дојран нека биде еден убав настан, каде на сите начини ќе ја докажеме спортската дисциплина и одговорност кон другите“ – стои во информацијата од Триатлон федерацијата на Македонија.

Се вчитува...