Најтрофејниот македонски спортист на сите времиња Шабан Трстена, кој има вкупно 19 сениорски медали во својата кариера од Олимписки игри, светски и европски првенства и Медитерански игри, на гостувањето во спортскиот подкаст „ПРЕСИНГ“ на ЕКИПА, меѓу другото, зборуваше и за своите почетоци во борењето, но и паралелната „борба“ со сиромаштијата во своето семејство и „борбата“ со својот татко од кого му било забранувано да спортува.
Трстена ја сподели трогателната приказна од својот живот, криењето од таткото дека се занимава со борење, кое на крај завршува со меѓусебно помирување откако го освојува златниот медал на Летните олимписки игри 1984 во Лос Анѓелес.
„Секое дете, ама секое дете има свој сон. Ние бевме една сиромашна фамилија со осум браќа и една сестра. Ама, многу сиромашна фамилија. Мојот брат тренираше борење, беше шампион на Југославија… Еден ден само ми вика: ‘Сакам да те земам на борење’. Јас дури воопшто не знаев што е борењето во таа 1977 година кога имав само 12 години. Првите чекори ми беа во салата Партизан во Чаир. Ристо Таков, еден од првите што го донеле борењето во Македонија. Уште е жив, има деведесет и нешто години, Бог да му даде уште здравје. Кога брат ми ме однесе во сала, Ристо Таков ме натера да се борам со борач три-четири години постар од мене. Сакал да види какви ми се движењата. И забележал, веднаш забележал, затоа што тој постар борач не можеше да ме победи мене. Па му кажал на брат ми: ‘Муарем, вика, слушај, овој твој брат ќе биде голем борач!’ Така почнав со борењето“ – раскажува Шабан Трстена и продолжува:
„Татко ми не знаеше дека тренираме ние. Па, со брати ми се криевме затоа што тој не ни дозволуваше. Бевме сиромашни и се плашеше дека ќе се повредиме, па ќе треба да плаќа за лекувања, а ние немавме. Бог да ја прости, мајка ми…, нашите мајки биле златни. Секоја мајка. Па, таа не криеше. Ние немавме маици опрема многу за да ги менуваме, па таа криејќи се од татко ми секој ден ги переше за да имаме за следниот ден. Ама го криеше сето тоа од татко ми. И така три-четири години се криевме, татко ми без да знае. Кога одевме на натпреварувања некаде, кажувавме дека одиме со школото некаде… Така беше постојано. Го лажевме… И така се до 1984 година и Олимписките игри во Лос Анѓелес кога освоив златен медал. Тогаш се смиривме со татко ми“.
По освоениот златен медал во Скопје на аеродром беше организиран пречек за Шабан Трстена. А, на пречекот и неговиот татко…
„Во 1984 се смиравме со татко ми. Се смиравме кога ме пречека на аеродром по враќањето од Лос Анѓелес од Олимпијада. Е тоа злато беше клучно за нашето смирување. Татко ми ме пречека со прегратка. Плачевме, и ми рече: ‘Извини сине. Да ми простиш, вика, ме направи многу горд со ова! Многу сум горд! Да ми простиш што не ти дозволував да тренираш’. Знаете ли какво чувство е тоа? Тој тогаш не знаеше што е тоа победник олимписки? Не знаеле нашите што се тоа титули. Толку големи резултати, толку…. Го разбра тоа на крај, а никогаш не дојде да ме гледа на борба, ама никогаш. Дури ни браќата, а имам многу. Не дојдоа никогаш да ме гледаат на меч“ – раскажува низ солзи легендарниот Шабан Трстена.
https://www.facebook.com/share/v/1AX2DUDddS/
ЦЕЛИОТ ПОДКАСТ „ПРЕСИНГ“ ГЛЕДАЈТЕ ГО НА СЛЕДНИОТ ЛИНК
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

