Цел тим на Шкендија е негативен на Covid-19

Целокупниот тим на Шкендија е негативен на Covid-19, покажале резултатите од последните тестирања извршени врз членовите на повеќекратниот првак на Македонија. Шкендија беше еден од тимовите што заедно со Ренова меѓу првите имаше позитивни случаи на коронавирус во макфудбалот, но ситуацијата во таборот на тетовци во меѓувреме се стабилизираше.

Тимот предводен од тренерот Ѓока ја мина првата фаза од подготовките во Маврово, а согласно препораките од ФФМ, сите фудбалери и членови на стручниот штаб беа тестирани пред да се почне со играње на контролни натпревари.

„Целиот тим на Шкендија беше тестиран на коронавирус. За среќа, резултатите се негативни, така што во комплетен состав ќе продолжиме со активностите предвидени за претстојниот период“, објавија од раководството на ФК Шкендија.

Тетовци веќе го откажаа првиот контролен натпревар против Вардар Форино, а во наредниот период треба да одиграат четири контролни средби, против Гостивар, Македонија ЃП, Работнички и Брегалница.

Се вчитува...