Црн Дрим и Кожув во битка за крај на серијата порази

Прволигашката кошарка продолжува денеска со дуел во Струга каде ќе се сретнат Црн Дрим и Кожув во 11. коло. Двата тима се наоѓаат во серија на порази, „црната“ низа на стружани брои шест порази, додека гевгеличани имаат четири порази едно по друго. Денешниот натпревар кој е закажан со почеток од 17 часот ќе биде од голема важност за битката за опстанок.

Домаќините на оваа средба влегуваат на крилјата на добрата игра против Работнички во Скопје, натпревар на кој избраниците на Чочороски ја одржуваа предноста во поголемиот дел, но не успеаја да ја „смират“ топката во самата завршница. Новите засилувања за Црн Дрим донесоа и нов лик на теренот, па ќе биде интересно да видиме како ќе се соочат со денешниот противник.

Кожув исто така одигра неизвесен натпревар против непоразениот Пелистер, кој мораше да биде одлучен во дополнителни пет минути. Шутот од далечина беше проблем за „црвено-белите“ на овој дуел, па доколку избраниците на Јончевски сакаат да слават во Струга ќе треба да го поправат тој учинок. Исклучително интересен на денешната средба ќе биде дуелот под обрачот каде ќе се соочат Садики Коне и Никола Силаџи.

Се вчитува...