„Црно-белата“ бајка продолжува – совладан и Куманово

Серијата на победи на новалијата ТФТ се искачи на четири во низа откако избраниците на Боро Смилковски славеа на гостувањето против Куманово со 85-92. Скопскиот состав ја превзема иницијативата на натпреварот во втората четвртина кога преку добрата одбрана успеаа да го наметне своето темпо и да стигне до позначајна предност, која умешно ја чуваше до крајот на средбата. Лошата реализација во шутот за три поени (28%) на крајот се воспостави како кобна за составот на Куманово.

Натпреварот започна со изедначено темпо на двете страни од паркетот. Двата тима одиграа добро под рекетот на противникот и трчаа добро во транзиција, а благодарение на подобриот шут за три поени, ТФТ по 10. минути игра имаше предност од 20-23. Избраниците на Смилковски успеаа да го наметнат своето темпо до крајот на првото полувреме, добрата одбрана ги примора кумановци на изгубени топки, кои беа умешно користени преку транзиција на спротивната страна на паркетот па ТФТ поведе со 40-48.

Зоната при преносот на топката на ТФТ, продолжи да создава проблеми во организацијата на играта на Куманово, а тоа го користеа гостите кои постојано ја одржуваа предноста, а во 15. минута стигнаа и до +12 (49-61). Сепак, Куманово ги консолидираше своите редови, избраниците на Ѓорѓиевски заиграа подобро во нападот, каде ја кренаа реализацијата, a добрата одбрана донсе лесни поени на спротивната страна па по 30. минути игра на семафорот стоеше предност за гостите од 64-73. Добрата одрана на ТФТ продолжи и во последната четвртина, добрата заштита на рекетот го примора Куманово да се осврне на шутот од далечина кој не беше во полза на „сино-белите“ на оваа средба па предноста на тимот од Тафталиџе се зголеми на 64-81. До крајот на натпреварот Куманово заигра подобро во нападот, ја крена реализацијата па на минута до крајот на натпреварот стигна и до едноцифрена предност, која сепак беше недоволна за целосно враќање во дуелот.

Најрасположен во домашниот состав со 18 поени и 4 скока беше Кори Рејли-Рос, додека него го следеше Александар Андрејевиќ со дабл-дабл учинок од 16 поени и 13 скока. Со по 15 поени натпреварот го завршија Бранислав Џекиќ и Горјан Марковски. Лахланд Андерсон беше предводник на ТФТ со 21 поен, Тај Харис додаде 20 поени и 6 асистенции, додека Амир Смит натпреварот го заврши со дабл-дабл од 16 поени и 13 скока.

Се вчитува...