Црвена Звезда лани не успеа да влезе во Лигата на Шампионите, но српскиот првак амбициозно тргнува кон истата цел летово. Во тој правец, пред неколку дена беше позајмен Мухамед Чам од Трабзонспор, а денеска беше претставено и второто засилување за наредната сезона, кипарскиот репрезентативец Лоизос Лоизу.
Станува збор за квалитетен фудбалер кој доаѓа од редовите на Хапоел Тел Авив, клуб на кој Црвена Звезда му плати три милиони евра за да го осигура потписот на Лоизу.
Крилниот офанзивец важи за исклучителен дриблер кој би требало да донесе дополнителен квалитет на тимот предводен од Дејан Станковиќ.
„Имав неколку понуди, но ја избрав Црвена Звезда бидејќи тоа е клуб со светско реноме. Многу сум среќен што сум овде, чест ми е да го облечам дресот и да се борам за реализација на зацртаните цели – константно да победуваме и да освојуваме трофеи“, изјави кипарскиот интернационалец во таборот на белградските црвено-бели.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
