Тухел се коцкаше и победи: Кепа му го донесе на Челси трофејот во Суперкупот на Европа

Челси се закити со трофејот во Суперкупот на Европа откако лондонскиот гигант славеше над Вилјареал по подобро изведување на пенали, откако по 120 минути игра резултатот гласеше 1-1. Томас Тухел реши да се коцка и во 119. минута го внесе Кепа на местото на одличниот Менди. Тоа се исплатеше бидејќи токму шпанскиот голман со две интервенции во пенал-рулетот е најзаслужен за новиот трофеј во клупските витрини на Челси.

Тимо Вернер ја имаше првата шанса на натпреварот, но голманот Асенхо одлично го запре неговиот обид. Челси наметна ритам што шпанскиот тим не можеше да го следи, па актуелниот европски првак заслужено поведе преку Зијеш, кој одлично се снајде и на асистенција на Хаверц погоди за 1-0. Проблемите за Тухел се појавиј пред крајот на полувремето, кога Зијеш заработи незгодна повреда на раката и мораше да биде заменет.

Челси имаше многу среќа на крајот на првото и почетокот од второто полувреме, кога Алберто Морено и Жерар Морено од одлични ситуации ја погодија само рамката од голот на „сините“. Тимот на Томас Тухел неочекувано целосно се повлече, Вилјареал ја префрли играта пред противничкиот шеснаесетник, а ваквиот пристап им овозможи на Шпанецот да стигнат и до израмнувачки погодок, преку својот најдобар стрелец Жерар Морено.

Во продолженијата од двапати по 15 минуги Челси повторно имаше повеќе од играта, но беше создадена само една посериозна шанса, онаа кога Пулишиќ од седум-осум метри шутираше крај голот на Вилјареал, па освојувачот на Суперкупот на Европа беше одлучен со изведување на пенали.

Тухел донесе интересна одлука, менувајќи го голманот Менди со Кепа непосредно пред пенал-рулетот. Каи Хаверц го промаши првиот удар за Челси, но Кепа возврати во втората серија, запирајќи го обидот на Манди. Како пресудна се покажа седмата серија, најпрвин прецизен беше Рудигер, за веднаш потоа Кепа да го запре ударот на Раул Албиол, за нов пехар на Челси под водство на Томас Тухел.

Се вчитува...