Тупурковски се повлекува од Олимпискиот комитет, Војнеска-Зикова најсериозен кандидат за негов наследник!

По 28 години на чело на најголемата спортска институција во Македонија, Васил Тупурковски се повлекува од претседателската функција на Македонскиот олимписки комитет, или согласно последните статутарни промени – Олимпискиот комитет на С. Македонија.

На 28. октомври од 18 часот во хотелот „Александар Палас“ во Скопје ќе се одржи Изборно Собрание на Олимпискиот комитет на кое Тупурковски и официјално ќе означи крај на долгогодишното „владеење“, а како што дознава ЕКИПА, најсериозен кандидат за негов наследник е актуелната претседателка на Атлетската федерација на Македонија, Александра Војнеска-Зикова.

Поединечни членови на Собранието на Олимпискиот комитет

Војнеска-Зикова е кандидат на мнозинството олимписки федерации – членки на Олимпискиот комитет, кои даваат нескриена поддршка на поранешната македонска олимпијка. На Собранието со право на глас се вкупно 53 делегати, од кои покрај 29 олимписки федерации има и 24 поединечни членови. Меѓу поединечните членови – делегати на Собранието се и прославени имиња на македонскиот спорт како Дарко Панчев, Стојна Вангеловска, Гордана Нацева, Шабан Сејдиу, Чедо Николовски, Моника Гавриловска, Владимир Богоевски, Елизабета Божиновска, Емил Павлов…

Противкандидат на Војнеска-Зикова за нов предводник на Олимпискиот комитет ќе биде поранешниот Советник за спорт во македонската Влада и поранешен претседател на Кошаркарската федерација на Македонија, Даниел Димевски.

Тупурковски го предводи Олимпискиот комитет на нашава земја од неговото основање во 1992 година. На претходното Изборно собрание во 2016 година, првпат имаше и противкандидат во изборот за претседател, во името на кајакарот Атанас Николовски, но лесно ја доби довербата од мнозинството делегати.

Се вчитува...