У18: Македонија ја намачи фаворизираната Шпанија

Македонската кошаркарска репрезентација до 18 години го претрпе вториот пораз на Челинџерот кој се игра во Скопје откако загуби од Шпанија со 62-69. И покрај поразот ‘црвено-жолтите’ прикажаа ветувачка игра и страст во второто полувреме која треба да биде од голема важност за понатамошниот дел од турнирот.

Шпанија го наметна своето темпо на самиот почеток на мечот. Пресингот по цел терен и агресивната одбрана врз бековската линија го нарушија ритамот на Македонија, а секој пропуст на ‘црвено-жолтите’ беше искористен за лесни поени па ‘црвената фурија’ постојано ја имаше предноста. Сепак Шпанците потфрлија во реализацијата, а тоа го искористи Македонија за брза игра во транзиција со што негативата изнесуваше само шест (10-16) по 10. минути игра. Добриот моментум на нашите репрезентативци продолжи и на отварањето на втората четвртина во која избраниците на Василев стигнаа и до негатива од два поена (16-18), но Шпанците веднаш ги консолидираа своите редови. Агресивната одбрана повторно создаде проблеми во нашиот табор, неизградените напади не носеа реализација, а тоа го користеше Шпанија за до полувремето да стигне до предност од 19-37.

Македонија влезе во второто полувреме далеку помотивирана од противникот. Избраниците на Василев одиграа одлично во одбраната, го кренаа и процентот на реализација од поле па во еден момент ја намалија негативата на 13 поени (33-46), но недоволно за да го запретат водството на Шпанија. ‘Црвената фурија’ ја втати контролата на мечот со удвојување на нашите организатори на играта и по 30. минути игра поведе со 36-53.

Промената на стандардната петорка на ‘црвено-жолтите’ даде резултат во последна четвртина. Богатиновски и Величковски влегоа во серија на тројки па Македонија брзо стигна и до негатива од десет поени (45-55) со што наговести интересна завршница. На спротивната страна Шпанците возвратија со реализира во рекетот, но следеше нова ‘офанзива’ на Македонија која повторно ја стопи предноста, а преку Хот во еден момент стигна до ‘минус’ шест (59-65), но сепак доцна за целосен пресврт и втора победа.

Резарт Мемед со 18 поени и 6 скока, и Амар Хот со дабл-дабл од 11 поени и 17 скока беа предводници на Македонија. Џорди Родригез ги предводеше Шпанците со 16 поени.

Се вчитува...