У18: Македонија реди победи, средена и Грузија – четвртфиналето е на дофат

Македонската репрезентација за кошаркари до 18 години продолжи со одлични игри на Европското Првенство – Б дивизија што се одржува во Орадеа, Романија. „Црвено-жолтите“ по вчерашниот голем триумф над Украина денеска беа подобри и од Грузија, славејќи со резултат 87-79  и зацврстувајќи се на првото место во групата. По овој триумф Македонија се наоѓа на чекор до четвртфиналето од шампионатот, со оглед на фактот дека во последните две кола ќе се сретне со Данска и Словачка, двете селекции кои важат за аутсајдери во групата.

Избраниците на селекторот Симиќ повторно одиграа одличен меч против незгоден ривал, контролирајќи го резултатот во текот на целата средба. Грузијците делуваа „тврдоглаво“, во неколку наврати се враќаа, па така од „минус дванаесет“ на стартот од последната четвртина стигнаа до израмнети 77-77. Токму тогаш блесна нашиот најдобар кошаркар, Андреј Јакимовски, постигнувајќи тројка, а потоа асистирајќи и до Исајлоски за нова тројка на „црвено-жолтите“ во клучниот дел. Точка на натпреварот стави Јакимовски со успешно положување, а потоа и две прецизни слободни фрлања, за трета победа на Македонија на овој шампионат.

Андреј Јакимовски го заврши натпреварот со 33 поени, осум скокови и четири асистенции, Исајлоски постигна 15 поени, а Андреј Андоновски реализираше 16 поени и девет скокови.

Се вчитува...