Уапсени 25 радикални навивачи на Барселона

Каталонската полиција приведе 25 членови на радикалната фракција „Кежуалс“, која е дел од навивачката група на Барселона, кои се осомничени за едно убиство, киднапирање, изнуда, нелегално поседување оружје, нарушување на јавниот ред и мир и припадност на криминална организација.

Полициската акција против радикалните фудбалски навивачи почна рано наутро во различни делови на Каталонија.

„Операцијата главно се одвива во пошироката метрополитенска област на Барселона. Извршен е претрес на 17 згради и во моментов апсиме 25 членови на „Кежуалс““, објави каталонската полиција.

Полицијата се уште трага по водачот на групата, а не исклучува натамошни апсења.

Засега во јавноста не е позната содржината на судската наредба, односно деталите за кривичните дела за кои се уапсени осомничените. Шпанската јавна телевизија ТВЕ наведува дека полицијата ги сомничи за убиство на неименувано лице чие тело е претходно пронајдено.

Други медиуми јавуваат дека, меѓу другото, тие се обвинети за нападот во ноември 2021 година на кафуле каде се собираат навивачите на градскиот ривал Еспањол. Нападот наводно бил како одмазда за нападот на радикалните навивачи на португалската Бенфика на објектот Боиксос Ноиса во Барселона, во кој учествувал член на навивачката група на Еспањол.

Фудбалскиот клуб Барселона, се уште не го коментираше случајот.

Се вчитува...