Убава идеја: Воведете награда „Синиша Михајловиќ“ за најубав слободен удар секоја година

Светската фудбалска јавност тагуба по Синиша Михајловиќ, а вечерва на површина излезе и интересна идеја што може да го овековечи ликот и делото на прославениот српски фудбалер и тренер.

Познатиот спортски новинар Мајкл Јокин покрена иницијатива за воведување на специјална награда што ќе го носи името Синиша Михајловиќ и секоја година би се доделувала на стрелецот на најубавиот гол од слободен удар.

Михајловиќ беше мајстор за реализација од вакви позиции, еден е од ретките што успеал да постигне хет-трик на натпревар со три гола од слободен удар, па јасна е асоцијацијата зошто оваа награда би го носела името на српскиот фудбалски великан.

Првичните реакции на кампањата што ја почнува Јокин се крајно позитивни, но останува да се види кој ќе ги претвори зборовите во дела, за и официјално да организира еден ваков избор и да доделува награда за најдобар гол од слободен удар во една календарска година.

Се вчитува...