Откако ФИФА потврди дека Светското првенство во 2030 година ќе собере дури 64 репрезентации по повод одбележувањето на стогодишнината од Светското првенство, меѓу европската фудбалска јавност се повеќе кружат гласини дека УЕФА би можела да следи сличен пат кога станува збор за европските првенства.
Иако засега нема официјална потврда од седиштето на УЕФА, се повеќе медиуми и фудбалски аналитичари зборуваат за можноста ЕУРО 2032 или ЕУРО 2036 да се прошират на дури 32 репрезентации учеснички. Таквиот потег дополнително би го зголемил бројот на натпревари, но и би отворил врата за повеќе репрезентации.
Сегашниот формат на Европското првенство вклучува 24 репрезентации, модел кој првпат беше имплементиран на ЕУРО 2016 во Франција. Во споредба со претходните 16 селекции, тој формат им овозможи на повеќе земји да се пласираат на завршниот турнир.
Идејата за ново проширување се појави откако ФИФА донесе одлука дека јубилејното Светско првенство во 2030 година ќе се игра со рекордни 64 учесници.
Многумина веруваат дека УЕФА би можела да го следи тој тренд и дополнително да го прошири своето најважно репрезентативно натпреварување.
Една од предностите на таков модел би била поголемата застапеност на европските репрезентации, кои во последните години честопати остануваа без пласман и покрај квалитетните квалификации.
Повеќе учесници би значело и поголема можност за помалите фудбалски нации да се претстават на најголемата европска сцена.
Од друга страна, постојат и критики. Противниците на проширувањето сметаат дека прекумерниот број учесници би можел да го намали квалитетот на натпреварувањето, да го продолжи времетраењето на турнирот и да додаде дополнителен товар на веќе пренатрупаниот меѓународен календар.
Познато е дека домаќини на Европското првенство во 2032 година ќе бидат Италија и Турција, кои ја добија организацијата на ова големо натпреварување преку заедничка кандидатура.
Евентуалната промена на форматот би можела да претставува дополнителен организациски предизвик, но и можност за уште поголем спектакл.
Кога станува збор за ЕУРО 2036, УЕФА сè уште не донела одлука за домаќинот. Се очекува дека изборниот процес ќе биде започнат во наредниот период, а многу европски земји веќе покажуваат интерес за организацијата.
Доколку Европското првенство навистина се прошири на 32 репрезентации, УЕФА ќе мора да го прилагоди квалификацискиот систем, распоредот на натпреварите, како и моделот на групната и нокаут фазата, што би барало сериозни организациски промени.
Сепак, засега сè останува во доменот на шпекулации. УЕФА не објави дека размислува за зголемување на бројот на учесници, ниту пак е започната официјална постапка за промена на форматот на Европското првенство.
Сепак, искуството од последните години покажува дека најголемите фудбалски натпреварувања постојано се развиваат и се прилагодуваат на новите барања на пазарот, телевизиските права и навивачите.
Затоа, не е исклучено во годините што доаѓаат, европската фудбалска ревија да добие сосема ново издание со рекорден број репрезентации.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
